Со сирена и минута молк битолчани ќе протестираат пред Клиничката болница

Со вклучување на сирена денес од 17 часот битолчани ќе излезат на нов протест поради смртта на шестгодишната Јана Христовска и починатото новороденче во Битолската болница.

Протестот под мотото „Правда за Јана“ овој пат, наместо на градскиот плоштад, е најавено дека ќе се одржи пред Клиничката болница во Битола.

„Ќе носиме сирена, ќе ја вклучиме а потоа ќе оддадеме една минута почит за сите прерано заминати чеда, родители и пријатели и ќе си отидеме… Нека сирената ја означи алармантната состојба во Болницата, а молкот нека биде за наш потсетник за тие на небесата, оти сите немо седиме и чекаме промените од небо да паднат, а не ние да ги створиме час поскоро за да спасиме нечии живот“, најави на социјалните мрежи Игор Петковски, кумот на Јана, кој го организираше и првиот протест.

Пред два дена во Битолската болница мајка на 24 годишна возраст го изгуби своето новороденче, додека пред три недели почина малата Јана. Родителите на Јана изразија сомнеж дека смртта на нивната ќерка настапила како последица на лекарска негрижа. Во меѓувреме надлежните институции отворија истрага, а се чека извештај од обдукцијата за да се утврди причината за смртта.

Обдукција ќе му се прави и на новороденчето кое почина пред два дена. Министерот за здравство, при неговата посета на Болницата вчера, изјави дека бебето било родено со брадикардија и дека дека докторите неуспешно се обидувале да го реанимираат откако го изгубиле пулсот.

По овие два смртни случаи вчера директорот на Битолската Болница, Александар Обединковски, поднесе оставка од функцијата поради морални причини.