Матичните лекари протестираат, примаат само итни случаи

Матичните лекари денеска не издаваат рецепти и упати за пациентите, освен за итните случаи. Тие се незадоволни поради неисполнетите барања, односно малата капитација и финансиските шокови за кои велат дека може да доведат до затворање на амбулантите.

Дополнително, тие објаснуваат дека со оваа цена на капитација по пациент, не можат да издржат да ги покријат трошоците. На протестот на матичните лекари се придружија и приватни специјалисти и стоматолози.

„[Докторите] нема да даваат услуги што се нудат преку ‘Мој термин’, а пациентите кои не сакаат да почекаат за упати и препишување терапии и закажување тестирања, ги упатуваат во ургентните центри“, изјави за Македонската информативна агенција претседателката на Здружението на приватни лекари Лилија Чолакова Дервишова.

Докторот Ненад Лазаров, претходно преку Фејсбук посочи дека имаат „огромна поддршка од пациентите“.

„Евидентно е дека почитуваат и не доаѓаат, реализирани не се ни 10% од вообичаените дневни активности по ординации. Колеги, честитам на обединетоста денес“, напиша Лазаров.

За во 14 часот е закажана средба на заменик-министерот за здравство Владимир Рендевски со Чолакова – Дервишова, на која ќе се презентираат причините и барањата за протестот.