Со идејата „Инсект пилот соба“ биоразградливиот отпад се преработува во вегетаријанска храна за животни

Биоразградливиот отпад може да му биде од полза на човекот, потребно е да се знаат техниките и да се размислат начините за тоа како може да го искористиме максимално. Кога фирмите што дневно произведуваат тони отпад би го употребиле истиот за од него да создадат нешто друго сите би имале поголем профит. И економски и еколошки.

Овие поенти беа нагласени при нашиот разговор со Александар Каравилоски, дипломиран електро инженер и еден од наградените на годинешниот национален натпревар „Зелени идеи“ на Здружението за социјални иновации АРНО. Наградата ја доби за приложување на концептуалната идеја за производство на вегетаријанска храна за животни од ларви на инсекти, „Инсект пилот соба“.

Александар, чија фирма, како што вели, е прв и единствен производител на храна за кучиња и риби во земјава, неодамна на конкурсот за „Зелени идеи“ конципираше нацрт за можен и постоечки начин на добивање на храна за животни од ларви на мува.

„За ова истражував и пред тоа, претходно кога барав начини како покрај обична храна да правиме и вегетаријанска храна за кучиња. Да се имплементира „Инсект пилот соба“ значи дека ни е потребна соба во која владее затворен циклус, каде одгледуваме муви, а тие оплодуваат ларви. Ларвите понатаму се хранат со биоразградлив отпад и следува нивно термичко третирање пред да го добиеме целниот продукт, односно храната за животни“, вели Каравилоски.

Тој појаснува дека за храна на ларвите може да се користи секаков биоразградлив отпад како листови, лушпи од зеленчук и овошје што како што вели тој е многу еколошки ефикасна појава.

„Термичката обработка е всушност миење на ларвите со топла вода со цел да се уништат бактериите во случај да се пренеле од отпадот, а потоа се сушат. Така исушените ларви се погодни за храна на различни животни, може и директно да се хранат“, објаснува инженерот.

Според неговото кажување, првата фабрика за производство на храна од ларви на инсекти во светот е создадена во 2011 година, а во Европа во 2015. Но, како што вели тој, иако е млада идеја има голем потенцијал да успее бидејќи самиот процес произведува храна без притоа да ослободува било каков отпад. Исто така, има предност на пазарот бидејќи вака добиената храна не е генетски модифицирана, односно не е прскана со никакви пестициди што ја прави поволна за здрава исхрана на животните.

„Од ларвите може да се издвојуваат масло и протеини исто како од месо, само се користат различни методи поради разликата во хемискиот состав. Една од работите кои можат да се истакнат е што кога веќе еднаш инсектот се става во собата создава ларви и тој циклус е бесконечен, од тие ларви се создаваат други муви и така цело време, значи кога еднаш ќе се отпочне циклусот нема потреба од повторно ловење на муви само им се додава храна“, раскажува Александар.

Освен тоа што храната потребна за размножување на ларви е биоразградлив отпад што самите го обработуваат и се хранат од него, како нус појава се јавува и производството на органско хемиско ѓубриво што е погодно за одгледување на фуражни растителни култури.

„Процесот не бара многу енергија, а за конкретната соба потребно е да се најде погодна просторија што нема да треба многу да се загрева или лади. Ларвите може да се стават и во хибернација, воедно ова е еден начин на производство на масло и протеини што троши многу малку енергија споредбено со сите останати кога е потребна голема количина енергија“, посочува Каравилоски.

Александар нагласува дека треба да согледаме и изучуваме начини како да ги користиме инсектите без притоа да ги уништуваме како сега кога знаеме начини само како да се справуваме со нив.

„Јас навистина би сакал да има уште некој што ќе се зафати со оваа идеја. Така ќе е многу полесно, но и ќе се распространува самата идеја, а јас не би сакал да го кријам овој начин од други заинтересирани бидејќи истиот носи големи поволности. Генерално не е потребно засебно знаење, не е нешто што треба особено да се учи. Во однос на регулирање на параметрите истото може да се прави и со помош на вештачка интелигенција, а за другото мислам дека не постои нешто што човек ако сака нешто не може да го научи“, забележува Александар.

Трите победнички идеи на „зелениот натпревар“ сега продолжуваат да се натпреваруваат на регионално ниво, кога четворица регионални победници ќе добијат поддршка за реализација на идејата во својата земја.

Радио МОФ претходно пишуваше и за другите победници на овогодишните „Зелени идеи“ 2022. Сториите може да ги најдете ТУКА и ТУКА.

Ангела Бошкоска