„Скопска“ ќе може да се купи и надополни само во билетарниците на ЈСП

Во наредните неколку денови корисниците на „Скопска“ ќе можат да купуваат и да ги надополнуваат електронските картички единствено во едно од 32 продажни места на ЈСП. Од претпријатието информираат дека причина е завршувањето на договорот помеѓу ЈСП Скопје и фирмата-мастер дилер за продажба на нивните услуги.

„ЈСП Скопје навремено се подготви за решавање на оваа ситуација, потребната опрема и логистика се обезбедени и многу наскоро граѓаните ќе имаат можност повторно да ги купуваат нашите услуги преку мрежа на секундарна дистрибуција.

Ви се извинуваме за евентуалните нелагодности поради оваа ситуација, но пред целосна вредносна искористеност на договорот кој го имаме склучлено со фирмата-мастер дилер, не бевме во можност за активирање на подготвено решение, со кое многу наскоро продажба на нашите услуги ќе биде повторно возможна преку мрежа на секундарна дистрибуција“, информираат од ЈСП.

Повеќе информации за продажните места може да најдете на skopska.mk