Шведска ги отвори првите атеистички гробишта на светот

Гробишта на кои нема да има никакви религиозни симболи се отворени во Шведска, за на нив да можат да бидат погребани атеистите, кои во државата ги има во сѐ поголем број.

Јосеф Ердем, учител од Борленге во централна Шведска бил првиот човек кој ја предложил идејата, бидејќи сакал луѓето „да решат самите како ќе изгледа нивниот гроб“.

Вели дека пораснал во Курдистан, и како резултат на преселбата, неговиот поглед на светот е обликуван од тоа што има пријатели од различни места и различни животни приказни.

Тој испратил формална апликација за земјиштето, откако преговарал со локални претставници на Црквата на Шведска.

Црквата ќе се грижи за гробиштата, но тоа ќе биде нивната единствена поврзаност.

„Разговарав со многу луѓе за ова, а многумина од нив се религиозни, и одговорот е неверојатно позитивен“, вели Ердем.

Потенцира и дека религиозните луѓе можат да бидат закопани таму, сѐ додека прифаќаат да немаат никакви религиозни обележја на својата надгробна плоча.

Шведска е втора земја според бројот на нерелигиозни жители како процент од вкупната популација, според анкета спроведена во 2015 година.

Истражувањето покажало дека 76 проценти од шведските испитаници рекле дека „не се религиозни“ или „тврдокорни атеисти“. Единствената земја која има поголем процент на атеисти во своето население е Кина, каде религиите се забранети и осудувани.