На крајот на оваа седмица, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…
Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:
1. Секој жител со своја депонија во струшко Луково
Планинското село Луково кое се наоѓа на 26 километри од Струга, на источните падини на планината Рујница се „дави“ во диви депонии. Еднa од главните причини за ваквата состојба е што селото не е поврзано со општинскиот комуналниот систем, односно таму не се собира отпадот од домаќинствата, па жителите го одлагаат во околината. Од струшкото комунално претпријатие велат дека за таква услуга треба да се склучи договор со месната заедница. Од Министерството за животна средина (МЖСПП) пак, велат дека јавните комунални претпријатија имаат обврска да даваат комунална услуга на сите населени места во склоп на општината.
2. [Видео] #ФЕМуабети: Ти не си виновна
Сите девојчиња мамо се мажија – се чини дека родово базираното насилство е дел од македонскиот фолклор и традиција.
Исто како и сеирот и морализирањето, кои на површина испливаа кога лични податоци и фотографии од жени беа споделувани во македонски, па и балкански групи за порнографија.
Во третата епизода на #ФЕМуабети зборуваме за родово засновано насилство и онлајн вознемирување со Ирена Цветковиќ од Коалиција Маргини.
3. Младите ја доживуваат состојбата во земјата како „криза, катастрофа и хаос“
Повеќе од половина од младите или 55% сметаат дека Северна Македонија оди во погрешна насока, додека за 13% се движиме во правилниот пат. Три четвртини од младите досега не биле приклучени или консултирани од институциите при носењето одлуки, а истовремено, повеќе од половина секогаш гласаат на избори. 45% ја гледаат земјава дека некогаш ќе биде дел од ЕУ, една третина не не’ гледаат како членка, а една петтина – не знаат.
Ова се дел податоци од истражувањето за социо-политичкото учество на младите на Фондацијата за демократија Вестминстер, презентирано денеска, а кое се спроведува веќе трета година по ред. Анализата пак, покажува зголемување од 22% на младите луѓе кои сметаат дека работите се движат во погрешна насока, како и пад од околу 16% што го тврдат спротивното.
4. [Фото] Ученици декорираа гевгелиско школо – потсетија за важноста на македонскиот правопис
„Четки, бои, малку фантазија и многу љубов – резултатот е видлив. Едукативни содржини од сите области: математика, јазична писменост, природни науки, географија, музика, спорт, уметност… Цртавме во ходниците, училниците, по скалите, ѕидовите, во училишниот двор… Бетонот оживеа, а училиштето стана пријатно место за престој на учениците. Ние сме задоволни, а Вие ќе нè посетите и ќе го изразите Вашиот впечаток“.
Вака основното училиште „Ристо Шуклев“ преку Фејсбук објавија за проектот што го работеа ученици од 8 одделение на часот по Проектни активности од ликовно образование заедно со насавничката Анамарија Митриќеска Калчева.
5. [Интервју] Здравко Савески: Треба да размислуваме отаде капитализмот, особено за климатската криза
Кои се разликите за правење промена преку организација и партија, владеењето на правото, работничките права, левичарските политики, но и осврт на учеството на Македонците во Шпанската граѓанска војна. На овие, но и на други теми зборуваше професорот и активист Здравко Савески.
Бонус: Инста(нт) вести на Радио МОФ 2.5
Чекаме на многу работи. Се чека летен распуст, а богами и Годо, но не мора да се чека за новата епизода на ИнстантВести.
А во нив зборуваме за многу работи – математички генијалци, танц шампиони во Варшава, пад на УКИМ, а имаме и Инстант дописник од Словачка…
Пролетта (конечно) пристигна во Скопје и на сите ни се шета, па ѕирнете кои се најинтересните настани што може да се проверат во градот.