[Фото] Ученици декорираа гевгелиско школо – потсетија за важноста на македонскиот правопис

„Четки, бои, малку фантазија и многу љубов – резултатот е видлив. Едукативни содржини од сите области: математика, јазична писменост, природни науки, географија, музика, спорт, уметност… Цртавме во ходниците, училниците, по скалите, ѕидовите, во училишниот двор… Бетонот оживеа, а училиштето стана пријатно место за престој на учениците. Ние сме задоволни, а Вие ќе нè посетите и ќе го изразите Вашиот впечаток“.

Вака основното училиште „Ристо Шуклев“ преку Фејсбук објавија за проектот што го работеа ученици од 8 одделение на часот по Проектни активности од ликовно образование заедно со насавничката Анамарија Митриќеска Калчева.

Акцијата досега наиде на позитивни јавни реакции на социјалните мрежи, особено во делот каде се потсетува за важноста на македонскиот правопис.

Директорката на школото, Жаклина Линкова, за Радио МОФ вели дека се работи за проект насловен „Едукативна декорација на училишниот простор“, учениците биле мотивирани и имале слобода во изразувањето.

„Цртаа по ѕидовите, по скали, надвор во училишниот двор. Бидејќи го промовираме училиштето на фб профилот, побуди навистина голем интерес и мило ни е заради тоа затоа што навистина убаво изгледа, учениците и вработените уживаат во просторот и како што милуваме да кажеме, училиштето е инспиративно место за работа со ученици“, вели Линкова.

Во продолжение, погледните ги содржините изработени во „Ристо Шуклев“:

Бојан Шашевски / Ивана Смилевска