[Интервју] Здравко Савески: Треба да размислуваме отаде капитализмот, особено за климатската криза

Кои се разликите за правење промена преку организација и партија, владеењето на правото, работничките права, левичарските политики, но и осврт на учеството на Македонците во Шпанската граѓанска војна. На овие, но и на други теми зборуваше професорот и активист Здравко Савески.

Разговорот кој е снимен пред 1 мај, може да се проследи на видеото во прилог или интегрално да се прочита во продолжение.

Како го објаснуваш македонскиот феномен според кој политички освестените луѓе решаваат да не членуваат во партија, додека оние кои се поигнорантно политички настроени решаваат судбината да му ја кројат преку партиите?

Во Македонија фактички тоа членување во политички партии е доста високо. Фактички повисоко е и од нивото на членување во Сојузот на комунисти на Македонија во време на социјализмот, што кажува многу за политизираноста, бидејќи тоа се смета за мерило, дека тогаш било многу исполитизирано општеството, а сега наводно тоа не било така.

Има еден многу важен феномен. Иако членувањето во политички партии е доста високо, и тоа е доста високо според европски стандарди, моќта на граѓаните зачленети во политички партии е доста ниска. Партиите се типични партии во капитализмот, а тоа значи дека тие функционираат во голема мера како строги хиерархии, дека таа моќ на одлучување е сведена во многу тесни рамки, и многу често функционираат како бизнис претпријатие.

Тоа значи дека оние што ја имаат моќ моќта на одлучување, ја имаат и финансиската моќ, и извлекуваат лична корист преку партиите. Овој вториот дел е особено изразен кај малите партии, кои стануваат вечни бидејќи, иако немаат реална поддршка од граѓаните, бидејќи располагаат со доволна финансиска моќ, и очигледно тоа им е доволно на оние бизнисмени што се продаваат себеси како политичари да си ги тераат своите бизнис планови, т.е. да ја тераат партијата, а на тој начин, да извлекуваат пари за себе.

Како човек кој ги поддржува левичарските политики, колку сметаш дека системот сам по себе дозволува во пракса идеолошки замислениот политички правец да биде навистина изреализиран?

Да, кај нас во Македонија е доста широко распространето мислењето дека нема идеологија, дека се’ е чист интерес. Фактички, идеологијата значи застапување на нечии интереси. И фактички ако имате интерес, има и идеологија. Се разбира, не мора да значи дека тоа е прокламираната идеологија. Денес, значи кај нас во Македонија владее прокапиталистичката идеологија, тие што се на власт работат, ја спроведуваат власта во интерес на капиталот. И често има една доминантна дискрепанца меѓу она што е доминантен наратив, и она што е реалност.

Многу често во Македонија ќе слушнете кадешто кажуваат дека државата е најголем вработувач, што е така, и бидејќи зборуваме за збир од многу работодавачи, значи, многу претпријатија. Но, иако ќе ви трубат постојано дека државата е најголем вработувач, никогаш нема да ви кажат дека истовремено државата е најголем раздавач на тендери. И на тендери не се пријавуваат работници, туку, се пријавуваат фирми и нивните капиталисти. И тие влечат многу повеќе пари, отколку што може да се симнат, со едно, или две, или не знам колку партиски вработувања, што се проблематичен аспект на работите, но, игнорирањето на вториот аспект е сосема исто така, недозволиво и кажува за ниското ниво на јавен дискурс во Македонија.

Дали може да се спроведе политика по левичарска основа во Македонија? Да, бидејќи ова е 2022, а не е 1990 година. Во 2022 на обвинителна маса е капитализмот директно, и во 2022 година се покажува дека капитализмот ги исцрпува своите историски можности, бидејќи создава инфлација која едноставно не може да ја реши. А таа инфлација допрва ќе се одразува врз животот, врз животниот стандард на обичниот народ, и тука едноставно една влада која работи во рамките на системот не може да направи ништо освен само да ја ублажи инфлацијата. Но, не може така лесно да ја затвори бидејќи во случајов не зборуваме во една или две или три земји во светот, туку зборуваме за глобална инфлација, глобална инфлација која досега немало, последен пат имало во 1979 година, значи 40 години ние не сме се соочиле со глобална инфлација, и со страшните последици од сето тоа.

Така што, денес треба да почнеме да размислуваме отаде капитализмот, особено во контекст на климатската криза која е застрашувачки огромен проблем. Така што, денес историјата, онаа со големо ,,И“ се разбуди после 30 годишен сон, иако тоа во нашата паланка во Македонија не се сфаќа дека е така, и наместо со таа историја со големо ,,И“, ние се занимаваме со петпарачка балканска историја. Ние и Бугарите.

Членуваше во Солидарност, беше член на политичка партија Левица, кои се главните промени што можат да се постигнат преку делување како организација, а кои преку политичка партија?

Да, значи, преку политичка партија ќе се концентрирам, бидејќи е тоа поважно. Ако сакате, ако ги поставите работите како што беа поставени работите во Левица, пред таа да биде украдена и претворена во Франкештајн партија од десниот радикализам, таа беше поставена на принципите дека се обединуваме ние млади, чесни, за да му помогнеме на обичниот народ. Овој концепт едноставно не може да успее. Бидејќи ако се дозволи како што се дозволи во нашиот случај, отстрана луѓето да ракоплескаат, но не се вклучуваат во активностите, тогаш партијата слабее, а системот има доволно одбранбени механизми да се справи со било која закана по статус квото.

Значи, системот бара и налага корумпирани партии. Ако се појави една партија која не е корумпирана и која нема широка поддршка од граѓаните, тогаш системот ќе ја згази таа партија. И ова е поразителното искуство, не само на Левица, туку и за било која следна партија која ќе биде вака замислена. За да има промени, мора да има широка народна мобилизација. Не партија која ќе се труди да делува во интерес на народот, туку партија во која народот масовно членува, и сака да види не замена, туку промена.

Во Македонија често се мешаат тие зборчиња бидејќи се слични. Замена едноставно е кога наместо едниот, седнува на фотелјата другиот. Промена е кога сето она што било во едно општество се менува. За таква промена не може со скрстени раце и со давање аплауз не на било кого, мора личен ангажман од широки размери во рамките на едно општество. Исто така би сакал да кажам тука во врска со постоечките демократии, кои се либерални и претставнички. Во 2022 година, 20 години откако почна широката употреба на интернетот како технологија, и кога асоцијалните мрежи поседуваат огромен технолошки капацитет, се менува и природата на претставничката демократија, односно, таа преминува во фарса, дури и онаму кадешто е најнапредна, значи во Шведска, во Норвешка, таа станува, недоволна демократија.

Зошто недоволна? Бидејќи, штом ги има, претставната демократија се тврди дека се кажува секогаш дека непосредната демократија е полудемократски модел во непосредната демократија, но бидејќи не можете да соберете на едно место два милиони, жителите на Македонија, гласачи да одлучуваат, затоа мора тие да избираат свои претставници кои ќе одлучуваат во нивно име. Но, во ситуацијата кога технички 20 години стана можно да се гласа по електронски пат, одеднаш непосредната демократија стана изводлива. Штом таа стана изводлива, одеднаш претставничката либерална стана недоволна. Дури и кога е најнапредна како во случајот на Шведска.

И сега во тој контекст, она што нас ни треба, бидејќи во услови на формална демократија ние сме обезвластени како граѓани. Ние не треба да размислуваме толку за доаѓање на власт, на една партија која ќе произлегува од граѓаните, и која ќе работи за општо добро. Туку, треба целиот механизам на претставништво на либералната демократија да го проблематизира. Така се размислува во 2022 година, во контекст на огромно заканувачка климатска криза, кадешто граѓаните, иако е таква ситуацијата, немаат моќ за одлучување.

Тврдеше дека со пресудата, пресудата против тебе е направена неправда, и дека затајува судскиот систем во Северна Македонија. Оттука сметаш ли дека постои надеж за правосудството во Македонија?

Да, многу е страшно кога со свои очи човек гледа како се гази владеењето на правото, особено пак, ако е обвинет за дело, т.е. за протести во кои учествував во името на владеењето на истото тоа владеење на правото. Бидејќи тие протести за потсетување во 2016 година, беа против оневозможувањето да се спроведува владеење на правото, амнестирајќи цела серија политичари од страна на тогашниот претседател на државата.

Така што беше многу илустративно за нас, колку сме, колку шарената потфрли во однос на целта да се вратело владеењето на правото и демократијата. Но, тоа исто така нас ни ја покажа ограниченоста на либералниот дискурс, наратив за владеењето на правото. Требало, и ќе ви кажат либералите, требало да има владеење на правот. Треба да има, но ете зошто нема? И сега сето тоа на либералите се сведува на база на аргументирање врз основа на морал. Треба да има владеење на правото, ама биле склони на политички притисоци и корупција, а не требале да бидат, и требало да има владеење на правото. И на сето ова се врти либералниот наратив за владеењето на правото 30 години. Она што реалноста покажува, е дека, ако во една држава имате високо ниво на класни разлики, и притоа имате луѓе кои поседуваат огромна економска моќ, тогаш тие луѓе секогаш ќе можат да им се заканат, да ги потплатат судиите, или да им се заканат дека нешто ќе им се случи на нивното семејство ако не им прогледаат низ прсти.

И поради тоа, во услови на високо изразени класни разлики, не можете од старт, од почеток да имате владеење на правото. Оттука, за да има владеење на правото, првиот предуслов е да се стори нешто, да се преземе нешто во врска со високите класни разлики. Тоа не гарантира дека ќе има владеење на правото, но е нужниот прв предуслов за да може, воопшто да зборуваме за владеење на правото, и да отидеме чекор потаму после 30 години од либералното мантрање „треба да има владеење на правото, ама ете го немало“.

Што те заинтригира најмногу за да почнеш со истражување на темата околу твојот труд „Но пасаран – учество на борците од Македонија во Шпанската граѓанска војна“? Дали може да издвоиш некои факти кои би ја заинтересирале јавноста, за оваа не толку познатата корелација Македонија-Шпанија?

Прво таа книга не е само мое дело, туку и на Здравко Стојковски. Значи заедно двајца Здравковци коавтори на тоа дело. Учеството на македонците во Шпанската граѓанска војна е показател на еден дух, кој е доста различен за доминантниот дух, кој го нема за жал денес, и кој мора да се промени. А тоа е духот да не гледаш подалеку од сопствениот лоз, и да си го гледаш личниот интерес.

Овде имаме луѓе кои заминале во една далечна земја заради принцип. За да се спротивстават на растечкиот фашизам во тој момент, подготвени не само да се борат, туку подготвени ако треба да загинат во име на општото добро. И сега замислете ја таа различна перцепција на важноста на општото добро. Тогаш за разлика од сега, но тоа исто укажува потенцијалот дека таа верба и стремеж кон општото добро можно е повторно да се врати кај нас.

И она што е најфасцинантно и најмногу зборува за тогашниот дух, можеби најдобро го посочил во една песна Никола Јонков Вапцаров наречена „Шпанија“, кадешто кажува, отприлика, „Шпанијо ти за мене претходно не беше ништо. Беше некоја далечна земја на рицари, а сега ти за мене си се“. Но, нормално, лошо, далеку подобро тоа звучи Вапцаров кога го кажа.

Многу се добри. Да речеме тоа е од првата песна, првите стихови. Така што веднаш ги бележиш тие стиховни мисли.

Први мај е Меѓународниот ден на работниците, па во овој контекст би те прашала каква е состојбата на работничките права во земјава?

Нормално, не е никаква тајна дека состојбата со работничките права во Македонија како типична земја во територијата на капитализмот е лоша. Но, она што е многу важно, е што, сега е доста поразлична ситуацијата во однос на претходните години, бидејќи ова е прв први мај кој го дочекуваме со услови на растечка инфлација.

А ние во Македонија имаме сериозна инфлација веќе триесет години, од 1992 година. Што значи инфлација? Инфлација значи дека една плата која не е повишена, автоматски станува снижена за износот на инфлацијата. И ова снижување на платите што го прави инфлацијата веќе ги погодува доста работници, и одеднаш во Македонија, кадешто само пред една година се чинеше дека се е замрено, дека никој ништо не може да ги покрене луѓето да преземат колективна акција, одеднаш ние имаме пролет на штрајковите.

Допрва ќе се зголемува нивниот број до крајот на година, бидејќи инфлацијата нема да се намали, туку ќе расте. Значи одеднаш инфлацијата дава друга поука за работниците во однос на невработеноста. Ако невработеноста кажува, поучува „кој ќе се побуни ќе го јаде стапот“. Инфлацијата поучува дека „кој ќе ќути ќе го јаде стапот“. Значи, ако работниците не се побунат самите, да им се покачи платата поради инфлацијата, тогаш тоа значи дека и тие ќе работат исто, или повеќе, за помала плата.

И ова не мора никој да му го каже на нашите работници, самите го чувствуваат, и затоа имаме толку големи штрајкови, незамисливи од период од само пред една година.

Но, за жал, не знам дали прочита денес, сега – раководството на СОНК го замрзна штрајкот во услови кога работниците сакаат да продолжи штрајкот. Што беше крајно безобразно, така што ќе видиме како ќе се развива таа состојба. А, инаку се случи прв пат во 30 години, затоа ова е доста важен момент, прв пат во 30 години, штрајкувачите одбија да прифатат компромис кој го договориле нивното раководство со другата страна. Прв пат се случува. Така што, тоа се случува бидејќи, сериозно се погодени во однос на материјалната состојба.

Теодора Соколовска

Овој производ е изработен во рамки на програмата за менторирање на млади новинари, како дел од проектот Fostering Youth activism through online media.