Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа недела, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

1. Идентитетот бетон, медиумската историја во ветер

Враќањето во македонското минато честопати е со пречки – „слика има, тон нема“. Доколку се обидеме да се навратиме на стари новинарски текстови и стории преку медиумските агрегатори, ќе наидеме и на обратна ситуација, текст има, но слика или видео нема. Дополнително, дигитализацијата на печатените медиумски содржини во библиотеките е спречена бидејќи авторските права на текстовите од јавен интерес се во приватна сопственост. Истовремено, пречки за процесот се немањето доволно средства и стручен кадар. Во меѓувреме, не постои системско решение за архивирање на содржините кај актуелните македонски онлајн медиуми.

Ивана ХаџиевскаМања Величковска и Герман Филков се истражувачи. Tие секојдневно се навраќаат во македонското минато. Како свои „временски машини“ ги користат содржините на периодиките во библиотеките, онлајн архивите на медиумите, а неретко и разни Фејсбук групи во кои се споделуваат фотографии, написи и сведоштва од минатото.

2. [Видео] Во битолско Бач по рецепт за квалитетно образование

„На мојот час не смее да има тажно дете“, вели младиот наставник Васко Гичевски од основното училиште „Славко Лумбарковски“ во битолското село Бач. Во училниците каде некогаш седел и учел, денес тој предава.

Во потрага по рецепт за квалитетно образование, Радио МОФ го посети училиштето во кое пред само половина век имало стотици ученици, а сега едвај има 20-тина. За животот во Бач и образованието на село, погледнете во новото видео на Радио МОФ.

3. Студентот Дино Трајков донираше најмногу скрипти на колеги, откако УСС-УКИМ повика на акција за размена

Студентот Дино Трајков од Природно-математичкиот факултет донираше 24 скрипти на неговите помлади колеги. Овој гест решил да го направи во склоп на акцијата што ја организираше Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на почетокот на зимскиот семестар.

Целта на акцијата била да се придонесе кон грижата за животната средина преку заштедата на хартија, но и да им се помогне на студентите и да се разбуди солидарноста. Трајков за Радио МОФ вели дека ваквата размена е одлична идеја. Тој веќе подолго време размислувал да се вклучи во еколошки активности.

4. Од март минималната плата ќе се покачи на 18.000 денари, договори Економско социјалниот совет

Минималната плата од март ќе се покачи на 18.000 денари, ова е една од одлуките која произлезе од Економски социјален совет, на кој вчера учествуваа претставници од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Владата и Организацијата на работодавачи.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски изјави дека донеле одлука за минималната плата која изнесува 62% од просечната плата.

5. Еко-активистите бараат подобар закон за инспекција против загадувањето

Државните и локалните инспектори подобро да се координираат меѓусебно. Да добијат опрема, поефективно да го планираат инспекцискиот надзор, но и да се реши хроничниот проблем на немање инспектор после работно време и за викенди, со цел поефектино да се решава и загадувањето во Македонија.

35 организации, еко-активисти и експерти здружени преку Граѓанскиот инспекциски совет (ГИС) и Алијансата „Разбистри се’“ до Собранието доставија предлог-амандмани, со кој бараат да се подобри Предлог-законот за инспекциски надзор во животната средина.