Студентот Дино Трајков донираше најмногу скрипти на колеги, откако УСС-УКИМ повика на акција за размена

Студентот Дино Трајков од Природно-математичкиот факултет донираше 24 скрипти на неговите помлади колеги. Овој гест решил да го направи во склоп на акцијата што ја организираше Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на почетокот на зимскиот семестар.

Целта на акцијата била да се придонесе кон грижата за животната средина преку заштедата на хартија, но и да им се помогне на студентите и да се разбуди солидарноста.

Трајков за Радио МОФ вели дека ваквата размена е одлична идеја. Тој веќе подолго време размислувал да се вклучи во еколошки активности.

„Според мене ваквите акции треба да се стандард, постојано треба да ги има, бидејќи се корисни за студентите, а истовремено се заштедува и хартија“, посочува тој.

Сите донирани материјали биле негови. Во случајот на Трајков скриптите се лесно достапни и на македонски јазик, но нивните цени се високи.

„Тоа е доста скапо, а мора да се имаат, па ги копирам. Во однос на нивниот квалитет, не беа нешто добри, ама па не беа на странски јазик“, вели Трајков.

Тој смета дека ваквите акции се повеќе од потребни и треба да се случуваат почесто.

„Во нашата околина еколошката свест не е на многу високо ниво. А екологијата е директно поврзана со квалитетот на животот. Во Скопје постојано се жалиме дека е загадено, па ако не почнеме од самите себе, да преземеме нешто, многу е потешко да се смени ситуацијата“, поентира Трајков, додавајќи дека иако ова е мала промена, тој сакал лично да придонесе.

За неговата донација, студентот доби и награда од Универзитетското студентско собрание.

Ивана Смилевска