Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа недела, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

1.„Демнење“ чека во Собрание, „Јавните соби“ се претворија во традиција – како да се справиме?

„Zdr kako si“, испраќање на непосакувани „курослики“, споделување на одмазднички голи слики и видеа со порнографска содржина ја преплавија македонската, но и балканската јавност во последниве неколку години. Бројните тајни и приватни групи како македонските „Јавна соба“ и „Гевгелија Хаб“, но и регионалните групи како „Balkan room“, ,,Смоква“ и „Nishlijke“ загребаа под површината на балканскиот традиционалниот морал и ја покажаа темната страна на жедта за порнографска содржина што блика во патријахалните балкански општества.

И покрај тоа што случајот „Јавна соба“ ја крена на нозе македонската јавност со улични протести, потреба за правда и воведување на законски регулативи за генерално новата појава на онлајн сексуалното насилство, моменталната разрешница е дека за „Јавна соба“ се обвинети две лица – 32-годишниот Д.К. и 22-годишниот М.П., кои се товарат за кривичното дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија.

2.Ковид-19 во регионот низ три инфографици

Последниов период во регионот одново се влоши состојбата со Ковид-19. Дел од државите регистрираат рекордни бројки на новозаразени и починати, додека кај останатите вирусот забрзано се шири.

Од почетокот на пандемијата во 10-те држави од поширокиот регион регистрирани се преку 4,4 милиони случаи на Ковид-19, а смртноста е најголема во Бугарија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Црна Гора.

3.[Интервју] Влатко Митревски од „Ширшаја“: Не измислуваме топла вода, туку се навраќаме на старите корени

Четиричлениот состав „Ширшаја“ неодамна го извади својот прв истоимен албум. Пред другарите и пошироко друштво го промовираа во „Олд Скул“ во Скопје. Истовремено го претставија и спотот за песната „Милост“.

Во својата срж, се работи за рокенрол музика. Музика што на прво слушање можеби ќе ве потсети на стари култни македонски бендови, од она дарквејв и пост-панк движење на состави како „Падот на Византија“, „Мизар“, „Анастасија“… Но, дечките внесуваат и повеќеслоен инструментариум што создава современа звучна слика, испреплетена меѓу минатото и сегашноста – со доза мистика од византиското, источното, додека сајзерот е тој модерен белег што ги издвојува и дефинира како „Ширшаја“.

За албумот и за музиката на младиот состав, Радио МОФ разговараше со вокалот, текстописец и гитарист Влатко Митревски.

4.Третина од средношколките отсуствуваат од настава кога имаат добиено

Фото: Annika Gordon/ Unsplash

Над една третина од средношколките (37 отсто), отсуствувале од училиште поради менструација. Дури 65 отсто од нив воопшто не зборуваат на оваа тема затоа што е срамота. Сепак, 81 отсто од средношколките се согласни дека училиштата треба да имаат достапни бесплатни влошки или други производи за менструална хигиена.

Ова се дел од заклучоците на новата студија за пристап до менструална хигиена во Република Северна Македонија на која работеа Здружението на граѓани за промоција на женската активност „Тииииит! Инк.“ и „Реактор – истражување во акција“. Тие вклучија 307 ученички од 20 училишта низ државата во нивното истражување.

5.[Галерија] „Нови простори“ за уметност и заедништво  

Кај сидрото на бродот Скопје, подзаборавената знаменитост кај Камени мост, денеска се случуваше фестивалот „Нови простори“. Млади луѓе го организираа настанот, а разни ентузијасти, уметници и случајни минувачи на Кејот 13 Ноември заедно можеа да присуствуваат на поетско и прозно читање, изложба на дела од млади автори, во „Акустика под арката“, но и на т.н. „open mic“ свирка на свежи бендови и музички колективи.

Идејата на организаторите е фестивалот да биде настан на новото чувство, новата креација, новиот ден, новиот човек. Односно, како што велат, отворена порта за сите прогресивни идеи, оригинално творештво, позитивно пријателско опкружување, чиста животна средина и долгорочен општествен развој.