Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа работна недела, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

1. Страв, неизвесност, пандемија – како да се снајдат новите средношколци?

Леона Змајшек, Ана Ангеловска и Стефан Јошески се средношколци запишани во три различни училишта во три македонски градови, Скопје, Делчево и Прилеп. Она што ги поврзува е дека тројцата се запишаа прва година средно, во учебната 2021/2022. Специфично за нив пак е дека по една и пол година следење настава од дома, од прво септември повторно се вратија во училишните клупи, но во нови училишта и со нови соученици.

2. [Интервју] „Луфтанза“: Приказна за другарство и рокенрол

Пандемијата за некои артисти значеше продуктивен блок. Не и за дечките од младиот состав „Луфтанза“ (Lufthansa), кои периодов го минаа во креативен налет. Музиката за нив била „излезот“, единственото нешто што има смисла. Што вреди да се прави. „Луфтанза“ е своевиден продукт на карантините и сеопштите параноични пригоди од изминативе скоро две години. Па така, несреќниот период беше среќен за македонската алтернативна сцена. Бидејќи нив ги зближи и натера да прават музика. А, тие донесоа рокенрол свежина – за сите. Првата направена песна „Модерна депресија“ значеше старт за низа други песни, значеше старт и за растечка база на фанови, изданија и свирки.

3. Муволовка, росјанка или Drosera rotundifolia – инсектојадното растение со пехчевска адреса

Доколку во летниот период планинарите во пехчевскиот регион „Јудови ливади“, ќе стигнете до природното живеалиште на растението Drosera rotundifolia попознато како округлолисна муволовка, или пак народски кажано росјанка.

Растението кое се сретнува на Малешевските планини се разликува од останатите по тоа што наместо од почвата, се храни со инсекти. Радио МОФ разговараше за муволовката со професорката по биологија Верица Арнаутовска од „Едукативниот Центар – Негрево“ и Наталија Ангелова, биолог од Македонското еколошко друштво (МЕД).

4. [Интервју] Сјон: Аудиокнигите ќе го сменат пишувањето на романи

Исландскиот автор Сигурјон Биргир Сигурдсон, кој е светски познат и под прекарот Сјон (што значи глетка), смета дека аудиокнигите ќе ја одредуваат конструкцијата на пишување на романи во иднината. Истовремено, тој вели дека за книгите да станат повторно кул, потребно е училиштата да не ги користат книгите како алатки за мачење на децата.

Сјон моментално е во Скопје, како автор кој гостува на книжевниот фестивал „Букстар“ во организација на издавачката куќа „Антолог“.  Вчеравечер  во МКЦ се одржа промоцијата на неговите книги „Пченкарнозлатна коса, сиви очи“, „Од устата на китот“ и „Сината лисица“. Освен што неговите дела се светски признаени, Сјон во 2001 година бил номиниран и за „Оскар“ за песните од филмот „Dancer in the dark“ од Ларс фон Триер, кои се во изведба на Бјорк.

5. [Подкаст] Мегафон: Зошто гласаме на локални избори

Колкава е платата на градоначалникот, а колку зема советникот? Што работат тие и дали имаат работно време? Зошто да гласаме на локални избори и колку се тие важни? Во очи на локалните избори, на оваа тема разговараме со еден од омилените доценти на Правниот факултет во Скопје – Марко Кртолица.