Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа работна недела, Радио МОФ во нова рубрика ви ги претставува ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина и слично. 

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

1.[Интервју] Стефанија Соколовиќ: Се бориме за спас на Демиркаписката Клисура од еколошка катастрофа

Во интервјуто за Радио МОФ Стефанија Соколовиќ од Спортскиот клуб „Клусира“, и проектен координатор на иницијативата „Размислуваме зелено, делуваме одговорно“, вели дека моменталната состојба во Демиркаписката Клисура е загрижувачка поради тоа што Челевечка Река е полна со платна за изолација, бетон, арматури, водоводни цевки.

Движењето се одвива по натрупан градежен шут, околината е со исушени и исечени дрвја, а променетиот тек на реката целосно го има нарушено природниот сјај на клисурата.

2.„Seine“ настапуваа пред МКЦ

Без многу најави, помпа или обиди на организаторот за додворување со пошироката јавност, пред МКЦ се одржа концерт на хрватскиот состав „Seine“, десетгодишниот кантавторски проект на Иван Шчапец.

Само еден бенд, тројца пред немногубројна публика, бесплатна свирка во залез на летото, со активни протоколи. Музика зад која застана култната словенечна етикета Moonlee records, под чија капа објавија и „Bernays Propaganda“, „Repetitor“, „Koikoi“, „Analena“, „Borghesia“, „Bosnian Psycho“, „Debjeli Precjednik“, „In-Sane“, „Žen“… Сега, зад музиката на „Seine“ застана аудиториум и од кај 21:30 часот слушаше концерт на состав што гравитира околу алтертнативниот рок, внесувајќи и свои њу-вејв, нојз и трип-хоп моменти.

3.Прогласена тридневна национална жалост – во истрагата за пожарот во Тетово ќе се вклучат и експерти од странство

На територијата на целата држава беше прогласена тридневна жалост, по пожарот во модуларната болница во Тетово каде загинаа 14 лица. Во овој период знамето на Република Северна Македонија беше истакнато на половина копје.

Владата донесе заклучок со препорака стручните тимови на Министерството за внатрешни работи и на Министерството за здравство да се стават на максимално располагање на обвинителството во истражните постапки.

Владата ги задолжи надлежните институции да утврдат каков тип на дополнителна помош и поддршка е потребна за семејствата на загинатите и повредените, со цел да биде обезбедена во најкраток временски рок.

4.Светлосни инсталации со инспирација од Сонцето го одбележаа „Skopje Light Art District“

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Radio MOF (@radiomof)

Главната тема на ова издание беше Сонцето, како непресушен извор на светлина и бесконечен извор на енергија.

По првиот фестивалски ден, уметниците потоа го изгасија аудиото и музиката од инсталациите и одадоа почит кон загинатите во пожарот во модуларната болница во Тетово, испишувајќи пораки на инсталација во Школка во скопскиот Градски парк.

5.Кари Кола, уметник и сопственик на „Ботаниа“: Во градината создадовме тропски услови кога надвор е -40 степени

Мислам дека зимската сезона ќе биде нашата главна сезона. Контрастот е голем. Можеш да седиш во тропски услови, а надвор е -40 степени. Надвор гледаш фигури од мраз, а истовремено пиеш вино во тропскиот предел, опкружен со разновидни пеперутки, вели Кари Кола, сопственик на градината „Ботаниа“ во Финска, каде изминативе неколку години  посетители можат да уживаат во над 2.000 растенија и природно опкружување, следејќи културни настани и фестивали.

Кари Кола е визуелен уметник со над 2.000 проекти. Неговите светлосни дела се препознаени низ светот. Во последните 10 години има пропатувано низ 70-ина земји. Во Македонија е актуелен со светлосната инсталација „Магична градина“, што беше поставена во скопскиот Градски парк во склоп на „Skopje light art district“.