„Тетово сака парк“: Тетово живее во постојана еколошка катастрофа

По големите поплави и пожарот кој го зафати Тетово изминативе два дена, од иницијативата „Тетово сака парк“ преку соопштение реагираат за, како што ја нарекуваат „еколошката катастрофа“ во која постојано живеат граѓаните од овој град.

Тие велат дека грешките од минатото продолжуваат да се повторуваат, а отсуствува граѓанска вклученост во одлучувањето, додека надлежните ги ифнорираат малкуте граѓански иницијативи каква што е нивната.

Нивната реакција во продолжение ви ја пренесуваме во целост:

„Деновиве, кога очите на сите се свртени кон Тетово поради еколошката катастрофа предизвикана од поплавите и огромниот пожар во индустрискиот објект на „Пофикс“ (поранешна „Македонија Табак“), како граѓанска иницијатива сакаме да го насочиме вниманието на целокупната јавност и сите власти – локални и државни, сегашни, минати и идни, на фактот кој говори посилно од сите нас: Тетово одамна е препуштено само на себе, препуштено на импровизации, непрофесионализам и корупција, а во таква ситуација неизбежна е не само зачестената појава на нови несреќи и катастрофи, туку и сѐ потешкото справување со нив!

Тетово е град кој е рекордер, не само на национално, туку и на светско ниво по загаденост на воздухот со години. Дали некој од Вас забележа било каков обид ова да се промени?

Апсолутно не! Во Тетово продолжи урбанистичкиот хаос, градењето без план, без одобрение, спротивно на јавниот интерес и сите принципи на хумано планирање на просторот. Инфраструктурата е дотраена, а во мали слепи улички никнуваат огромни згради. Градот нема зеленило, а Општината продолжува да ги сече и последните столетни дрвореди, со смешни изговори! Постојат индиции дека економски субјекти согоруваат сомнителни енергенси, а инспекциите не го контролираат теренот!

Отсуствува граѓанска вклученост во одлучувањето, а Општината ги игнорира малкуте граѓански иницијативи каква што е нашата. Тетово е единствен град без парк, а на носителите на јавни функции помили им се правата на инвеститорите, отколку правата на граѓаните. Бетонот го јаде секојдневно зеленилото. Општината соопштува дека го суспендира штетниот ДУП за УБ 57а (ШИК „Јелак“), а пред наши очи во истиот блок започнува да се гради станбена зграда, по уредно издадено одобрение за градба со урбанистички услови кои произлегуваат од суспендиран план!

Јавните пари се трошеле на хонорарци кои не оделе на работа, додека пак, на пример, пожарната и комуналната служба имаат дотраена или недоволна опрема.

Грешките од минатото ни се повторуваат, а во целата оваа ситуација самото избувнување на пожар на атрактивна градежна локација, иако веќе во приватна сопственост, со право отвора сомнеж кај јавноста, особено што сѐ уште не е донесен нов ДУП за тоа подрачје.

Гледаме и дека отсуствува визија за дестимулација на автомобилскиот сообраќај, користењето на приватни возила е навистина во неразумна мера, а Општината не стимулира велосипедски и пешачки сообраќај, ниту пак воспоставува вистински јавен градски и приградски превоз. Единствената, иако импровизирана велосипедска патека беше првата и единствена дивоградба со која се пресмета Општината. Автомобилот тука е светост, а Тетово, иако мал по површина, е автоцентричен град, наместо да биде хуманоцентричен – град за луѓето, не за автомобилите. Затоа сме сведоци и на зафатени тротоари од возила поради што мајки со деца во количка или луѓе со помагала за движење немаат каде да поминат безбедно; или сведочиме дека дрвја се сечат, а бесценети зелени површини се бехатонирааат за да се обезбеди паркинг место плус за неговата светост: автомобилот.

Листата на примери е долга, навистина долга! Медиумското внимание и активноста на социјалните мрежи не ни помага! Ние тетовчани константно живееме во еколошка катастрофа, и со право сите се чувствуваме како да сме оставени сами на себе, години наназад, без било кој од надлежните вистински да се заангажира околу најосновните човекови права и потреби: чиста вода за пиење, чист воздух, зелени површини, дрвореди, слободни тротоари, безбеден пешачки и велосипедски сообраќај, право на светлина и видик од сопствениот прозорец наместо поглед во преблиску доближената новоизградена соседна зграда, право на место во градинка за сопственото дете итн.

Потребно е поголемо директно вклучување на граѓаните во одлучувањето, потребен е граѓански притисок во секаков облик, потребно е напуштање на колективната апатија околу сопствените права, но потребно ни е и вниманието на целокупната јавност постојано! Трите дена во кои јавноста ќе зборува за Тетово брзо ќе поминат! Што потоа? Нашето константно живеење во еколошка катастрофа мора да запре!“, стои во реакцијата на „Тетово сака парк“.