Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа седмица, прочитај го нашиот избор на топ вести од образование, култура, граѓанско општество, политика, животна средина…

1. Дарија Јовановска ќе ги претставува младите поети на Скопскиот поетски фестивал

Во кафе-книжарницата „Буква“по вторпат беше поставена „Отскочна даска“ на која застанаа млади поети и поетеси. Под сијалички и шарени знаменца, а пред бројна публика дојдена да ја слушне најмладата поетика, на „Отскочна даска 2“, преднастанот на Скопскиот поетски фестивал, свои дела читаа 15 поети.

Победи младата Дарија Јовановска која ги прочита „Зошто молчи“ и „(Не) постоење“.

„Немам зборови, иако сум поетеса вака, во некој вакви ситуации стварно не знам како да се изразувам со зборови, затоа што емоцијата не може доволно да се покрие со збор. Не сум очекувала и баш затоа е нешто прекрасно, бидејќи очекувањата не секогаш се исполнуваат“, сподели Јовановска за Радио МОФ.

Дарија Јовановска ќе ги претставува младите поети на Скопскиот поетски фестивал

2. Создавање Агенција за книги може да помогне во промоција на македонските автори во странство

Формирање Агенција за книга, поголеми заложби за заедничко дејствување на книжевната фела и активирање на (под)заспаните издавачи и автори како и будење на Министерството за култура со цел промоција на домашните книги надвор од рамките на државата.

За овие работи разговараа шестмина издавачи, автори, уредници и директори на книжевни фестивали на дискусијата „Out & About“ посветена на зголемување на видливоста на македонската книжевна сцена надвор.

Според Тодорче Тасевски, директорот на „Струшките вечери на поезијата“ моменталната ситуација е оптимална за формирање на Агенција за книга. Како што вели тој, потребно е умешно да се имплементира рецептот на другите држави, а како пример ја посочи словенечката Агенција за книга.

Создавање Агенција за книги може да помогне во промоција на македонските автори во странство

3. Уште еден нов рок доби покриениот пливачки базен во Охрид кој се гради веќе 8 години

Последната најава за изградбата на покриениот пливачки базен во Охрид беше дека тој ќе биде готов до пролетва годинава. Но, неколку месеци подоцна овој спортски објект најавен пред 12 години сè уште не е готов и со ова влегува во осмата година од изградбата.

Она што може да се забележи на терен е и самата внатрешност на објектот бидејќи конструкција на базенот кој се наоѓа во спортскиот комплекс „Билјанини Извори“ сè уште не е покриена.

Во разговор за Радио МОФ, Наумче Мојсовски, директор на Агенцијата за млади и спорт која е инвеститор на изградбата, сега најави дека покриениот пливачки базен конечно треба да биде завршен за една година отсега, според информациите на изведувачите.

Уште еден нов рок доби покриениот пливачки базен во Охрид кој се гради веќе 8 години

4. #Поларис: „Темно скенирање“ – најдобриот филм на Киану Ривс

Ние живееме во времето на Кианусанса, односно периодот каде Киану Ривс, познатиот американски актер со либанско потекло доживува нов бран на популарност. Киану има актерски, стаж од добри 40 години, па различни генерации го памтат по различни улоги.

Патем, најверојатно поради неговата аура, Киану има статус на голема интернет славна личност. Иако го има зацементирано статусот како акциона и сајберпанк sвезда, едно обично наминување на неговата страница на imdb.com ќе покаже дека има филмографија која се протега надвор од неговите покомфорни жанрови. Во повеќето се случува да биде за жал засенет поради подобрата глума на неговите колеги и колешки како што е случајот со Дракула (реално, ретко кој го надминува Гери Олдман) и Адвокатот на ѓаволот (овде блеснува Ал Пачино). Но, има еден филм каде ова е исклучок. Што поради специфичното сценарио, што поради тежината на улогата и колку се центрира на него. Затоа овде сакам да го осветлам пред домашната публика „Темно скенирање“ (A Scanner Darkly), независниот игран филм на Ричард Линклатер сниман како адаптација на истоимениот научно-фантастичен роман на Филип К. Дик. „Темно скенирање“.

#Поларис: „Темно скенирање“ – најдобриот филм на Киану Ривс

5. [Фото] Млади се запознаваа со основите на знаковниот јазик на настанот „Кажи со раце“

Повеќе млади луѓе на 24 септември учествуваа на отворена работилница и се запознаа со основите на знаковниот јазик, како дел од интерактивниот младински настан „Кажи со раце“, со кој Младински образовен форум (МОФ) и Здружението за глуви и наглуви „Млад знак“ го одбележаа Меѓународниот ден на знаковниот јазик.

Настанот се одржа во скопскиот Парк на Франкофонијата, каде се случи и младинската акција „Art Sign“. На јавниот простор беше овозможено младите заедно да креираат уметничко дело што носеше порака „Македонскиот знаковен јазик е единствениот јазик во државата што не е стандардизиран!“.

Исто така, беше поставена изложба со азбуката на македонскиот знаковен јазик. Притоа, присутните имаа можност да учествуваат во креирање на видео материјали кои ќе се користат за промоција на македонскиот знаковен јазик.

[Фото] Млади се запознаваа со основите на знаковниот јазик на настанот „Кажи со раце“