Дарија Јовановска ќе ги претставува младите поети на Скопскиот поетски фестивал

Во кафе-книжарницата „Буква“ вчера по вторпат беше поставена „Отскочна даска“ на која застанаа млади поети и поетеси. Под сијалички и шарени знаменца, а пред бројна публика дојдена да ја слушне најмладата поетика, вчеравечер на „Отскочна даска 2“, преднастанот на Скопскиот поетски фестивал, свои дела читаа 15 поети.

По првиот круг читање во кое слушнавме по една песна од секого се случи меѓусебно гласање на избраните во кое секој требаше да гласа за тројцата најдобри. Потоа од 15 во потесниот круг влегоа 4 поетеси и 1 поет. Победи младата Дарија Јовановска која ги прочита „Зошто молчи“ и „(Не) постоење“.

„Немам зборови, иако сум поетеса вака, во некој вакви ситуации стварно не знам како да се изразувам со зборови, затоа што емоцијата не може доволно да се покрие со збор. Не сум очекувала и баш затоа е нешто прекрасно, бидејќи очекувањата не секогаш се исполнуваат“, сподели Јовановска за Радио МОФ.

Таа има 19 години и за неколку дена ќе ги започне своите студии на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Во мај ја издаде својата прва збирка, а бидејќи читаше нови песни, напишани по првата книга, вели дека веќе следната може да ја очекуваме наскоро.

За сите млади поети вели дека иако има предизвици, никако не треба да се откажат од пишување

„Нема секогаш вратите да бидат секаде отворени и за издавање на поезија и за читање и за било каков општ фидбек што е потребен од јавноста, меѓутоа дефинитвно ако нешто го правиш со љубов и ако го сакаш ќе си најде свој начин да се оствари и да се исполни“, истакна таа.

Јовановска ќе ги претставува младите поети кои читаа и се пријавија на втората „Отскочна даска“ на отворањето на Скопскиот поетски фестивал каде заедно со етаблирани домашни и странски автори ќе чита свои стихови.

По настанот следуваше поетско-музичкиот перформанс „Неисцрпен портрет“ Tribute to Бошко Бозаџиевски на Вис „Тркалезна Маса“ / фото: Радио МОФ

Повеќе за програмата на претстојниот фестивал прочитајте во продолжение.

[Интервју] Медиќ Лазаревски: Родена е нова генерација поети која ќе ја слушнеме и на Скопскиот поетски фестивал

Ангела Бошкоска