[Фото] Млади се запознаваа со основите на знаковниот јазик на настанот „Кажи со раце“

Повеќе млади луѓе вчера учествуваа на отворена работилница и се запознаа со основите на знаковниот јазик, како дел од интерактивниот младински настан „Кажи со раце“, со кој Младински образовен форум (МОФ) и Здружението за глуви и наглуви „Млад знак“ го одбележаа Меѓународниот ден на знаковниот јазик.

Настанот се одржа во скопскиот Парк на Франкофонијата, каде се случи и младинската акција „Art Sign“. На јавниот простор беше овозможено младите заедно да креираат уметничко дело што носеше порака „Македонскиот знаковен јазик е единствениот јазик во државата што не е стандардизиран!“.

Исто така, беше поставена изложба со азбуката на македонскиот знаковен јазик. Притоа, присутните имаа можност да учествуваат во креирање на видео материјали кои ќе се користат за промоција на македонскиот знаковен јазик.

Целта на настанот беше да се истакне убавината на македонскиот знаковен јазик, да се срушат бариерите во комуникацијата на знаковен јазик, но и да има дружба и поврзување меѓу присутните, без разлика на нивната (а)типичност.

Интерактивниот евент се организираше со поддршка од Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности.