#Поларис: „Темно скенирање“ – најдобриот филм на Киану Ривс

Ние живееме во времето на Кианусанса, односно периодот каде Киану Ривс, познатиот американски актер со либанско потекло доживува нов бран на популарност. Киану има актерски, стаж од добри 40 години, па различни генерации го памтат по различни улоги. Генерациите од осумдесеттите го знаат како бушавиот и смешниот Теодор Логан од Одличните авантури на Бил и Тед (Bill and Ted’s Excellent Adventure), за нас кои сме израснале во деведесеттите го знаеме повеќе како акционен херој поради неверојатниот успех на Брзина (Speed) и посебно на првиот Матрикс (The Matrix) филм (не за друго, тие филмови нон стоп ги пуштаа на македонските ТВ канали). После третиот дел на Матрикс, Ривс некако нема забележано некое позначајно остварување, но затоа од 2014 година повторно го има свртено нашето внимание поради вртоглавата популарност на Џон Вик (John Wick), приказната за легендарниот убиец кој оди во еден крстоносен поход против руската мафија, а од 2020 година за прв пат станува протагонист во светот на видео игрите, поточно во Cyberpunk 2077 како рокерот Џони Силверхенд.

Патем, најверојатно поради неговата аура, Киану има статус на голема интернет славна личност. Иако го
има зацементирано статусот како акциона и сајберпанк sвезда, едно обично наминување на неговата страница на imdb.com ќе покаже дека има филмографија која се протега надвор од неговите покомфорни жанрови. Во повеќето се случува да биде за жал засенет поради подобрата глума на неговите колеги и колешки како што е случајот со Дракула (реално, ретко кој го надминува Гери Олдман) и Адвокатот на ѓаволот (овде блеснува Ал Пачино). Но, има еден филм каде ова е исклучок. Што поради специфичното сценарио, што поради тежината на улогата и колку се центрира на него. Затоа овде сакам да го осветлам пред домашната публика „Темно скенирање“ (A Scanner Darkly), независниот игран филм на Ричард Линклатер сниман како адаптација на истоимениот научно-фантастичен роман на Филип К. Дик. „Темно скенирање“, како што има интересна приказна, си има и своја интересна позадина која поврзува неколкумина од актерскиот тим со потеклото на романот.

„Темно скенирање“, како што пишав претходно, е режиран од Ричард Линклатер. Овој американски режисер обично се поврзува со независни филмски проекти од типот на Boyhood, трилогијата Before и The Waking Life. Имал за цел да направи филмска адаптација на романот Убик (Ubik), уште една книга на Филип К. Дик, но овој наслов е многу покомплексен за да може од него да се направи филм, па алтернативно Ричард го одбрал „Темно скенирање“ како подобра опција. Со буџет од речиси девет милиони долари во продукција на Thousand Words, Section Eight, Detour и 3 Arts Entertainment и дистрибуција во кино салите обезбедена од страна Warner Pictures, на „Темно скенирање“ му фалеле уште еден милион долари за да ја врати назад својата инвестиција. Но, филмовите на Ричард Линклатер не се остварувања за пред масовна публика, па како по обичај се резервирани за потесен избор на уживатели на седмата уметност.

Приказната во Темно скенирање се одвива во САД, во еден период каде американската влада води војна против дрогата, војна која ја губи. На црниот пазар се појавува супстанцата Д, моќен опијат чие консумирање предизвикува тешки халуцинации и одлепувања од реалноста.

Последицата од користењето создава синдром на мозочна поделеност, каде двете хемисфери на мозокот се изолирани една од друга, а покрај халуцинации, зависникот ги губи и своите когнитивни способности. Се претпоставува дека една четвртина од домашното население е зависник на оваа моќна дрога, но ова се само официјалните податоци, неофицијалните се далеку погубни. Американската администрација води тајна програма за следење на граѓани кои се под сомнеж за криминални активности кои се на било кој начин поврзани со Супстанцата Д.

Затоа во оваа приказна го следиме животот на Боб Арктор (Киану Ривс), полицаец на прикриена задача за да оствари контакти со корисници и дилери на Супстанцата Д. Потесниот круг на познаници за кои веќе има докази го сочинуваат Џејмс Барис (Роберт Дауни Јуниор), Ерни Лакман (Вуди Харелсон) и Чарли Фрек (Рори Кокрејн). Дона Хоторн (Винона Рајдер) е локалниот дилер и главен снабдувач на Супстанца Д на друштвото на Боб. Но овие другари се „ситна боранија“.

На Боб Арктор му е потребно подолго време за да стапи во контакт со далеку повлијателни криминалци, а за секој напредок во истрагата доставува извештај во локалната полициска станица под кодираното име Фред и држи говор пред колегите облечен во камуфлирачки костим. Овој костим е доста уникатен – кај носителот се менува не само секој дел од облеката, туку и лицето и гласот на самиот носител за да не дојде до издавање на полицаецот кој е на тајна задача. Но потрагата е доста бавна, извештаите се поскудни, говорите на Арктор пред колегите од станицата под костимот се поизморувачки иако костимот ја крие интонацијата, а секојдневната консумација на дрогата го турка во агол на безизлесност.

Иако првенствено е сниман како игран филм со дигитална камера, снимениот материјал е преобратен како анимиран филм со помош на интерполирана ротоскопија, техника каде аниматорите ги следат сите оригинални движења на ликовите и подоцна додаваат анимации на секоја рамка.

За повеќе во однос на ротоскопија, можете да го погледнете мојот текст за анимираната верзија на Господарот на прстените. Во едно интервју Линклатер објаснува дека сакал да го направи овој филм како анимација за да може да добиеме чувство дека гледаме „луциден сон“, а транзицијата од реалното во надреалното како ефект на дрогата има беспрекорно чувство. Овде би додал дека анимираната ротоскопија е повеќе од тоа. Дека ние, публиката како шестиот член од друштвото на Арктор сме исто така под ефектите на Супстанцата Д, поконкретно, зборувам за нас како камерманот кој ја следи ситуацијата. Анимацијата е последица на консумацијата на Супстанца Д од наша страна, и како дел од Арктор и компанија имаме можност да го гледаме светот низ нивната призма засилено од својствата на моќниот опијат. Преминот од реалното кон надреалното и бизарното има едно, да го наречам, природно чувство.

Затоа и Линклатер има одбрано филмот да биде на крај анимиран, за да се прикажат подобро сцените каде ликовите влегуваат во трансот на дрогата. Но користењето на Д не значи само ескапизам кон некои непредвидливи подрачја на пат без патни ознаки. Користењето на Д значи и постепено губење на наши сеќавања и неможноста да дознаеме дали она што го доживуваме е нешто ново, или нешто што сме го имале претходно, ама го немаме повеќе. Како моментите кога ние, како цимер на Боб, ги следиме неговите епизоди на повлеченост и самотија, приметувајќи моменти каде Боб има сопруга и две ќерки. Ниту ние, ниту пак Боб знаеме дали овие појави се дел од вистинскиот живот кои Боб ги изгубил во некој претходен момент, или се само халуцинации кои потствеста му ги нуди како желба која ја имал, но не му се остварила. Со ваквото запознавање сме втурнати во една сложена ситуација на приврзување, оддалеченост и недоверба помеѓу Боб, Дона, Барис, Ерни, Чарли и ние, како шестиот сопатник во оваа приказна. Затоа е важно да го откриеме контекстот на општата функционалност на „Темно скенирање“.

Овој филм има интересна позадина која не тера да се запрашаме за фундаменталното прашање на тоа дали или не постои судбина. Филип К. Дик е авторот на оригиналната книга. Би пишал многу повеќе за него во некој нареден текст, но Филип имал тешка историја со неговата зависност од амфетамини, останувајќи без својата сопруга. Едно време после разводот, Дик прибира во својот дом луѓе кои ја делеле неговата мака како нарко зависници. Со некои имал позитивно, со некои не толку позитивно искуство. Но сите имале нешто заедничко – борбата за искупување и излез од лавиринтот кои првенствено го сметале за прибежиште од стресот на надворешниот свет, бидејќи заглавувањето во имагинарен затвор не е одговор за менталните рани однадвор.

Така, искуството на средбите и дружењата на Филип К. Дик со луѓе кои ја изгубиле својата среќа го довело до тоа да го напише романот „Темно скенирање“, кое да, жанровски е дистописка научно-фантастична драма, но е истовремено и делумен автобиографски роман за подоцнежниот негов живот. Секако, ова не било пропагандна порака за тоа колку дрогата е штетна за нашето физичко и ментално здравје, туку е приказна како и секоја друга, за проблемите на обичниот човек кој влегол во вртлог, дали по сопствен слободен избор, дали под друга околност, оплакувајќи го крајот со оглед на тоа што авторот прерано изгубил многу пријатели кои подлегнале на некаква дрога.

Затоа и оваа приказна добро резонира со животните искуства на Киану Ривс и Роберт Дауни Јуниор кога се согласиле да ги толкуваат соодветните улоги. Првиот, за прераната смрт на Ривер Феникс, најдобриот пријател на Киану Ривс и надежна холивудска sвезда поради неговата зависност од дроги. Вториот, кога е откриен како корисник на дроги и поради тоа ја имал речиси упропастено својата кариера, влечкајќи се во клиники за лечење од зависности и членување во групи за психолошка помош за жртви на користење на дрога, и да, точно е дека кариерата на Роберт Дауни Јуниор била доведена во прашање со можност целосно да замре кога неколку години во серија Роберт не добивал улоги, за подоцна поканата од Ричард Линклатер да му даде можност да се врати на сцената и да се покаже како сменет човек, нормално откако ја надминал својата зависност. И токму како Филип К. Дик, така и Киану и Роберт оставаат свој потпис на последната страница на филмот, не како пропагандна порака да покажат дека ете, дрогите се лоша работа, туку да раскажат своја приказна после поуките кои ги извлекле и за битките кои морале да ги бијат за да излезат од амбисот.

Марјан Болтевски

Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.