#Поларис: Роботите пред Исак Асимов

Има едно име кое, кога ќе го спомнеме, автоматски не асоцира на роботиката. Станува збор за Исак Асимов, американски физичар, писател на научна фантастика и есеист. Неговото дело I, Robot (Јас, Роботот) е задолжителна лектира за читателите на научна фантастика и појдовна инспирација за многу писатели, стрип сценаристи, филмски уметници, физичари, програмери, софтверски инженери…

Кога ќе прочитаме некој расказ или роман од Асимов кој инволвира роботи и нивното ниво на интелигенција, добро се запознаваме со можностите за создавање на самосвесност кај вештачката креација и стравот од таа еволуција. Но, колку и да сме благодарни кон Асимов и неговото наследство на полето на роботиката и вештачката интелигенција, тој не е творецот на роботската тематика и актуелните проблематики поврзани со неа. Асимов е повеќе како Џон Толкин кога сакаме да го асоцираме Толкин со создавањето на жанрот на фантазијата во литературата, што секако не е точно, па Асимов повеќе служи како личност која е заслужна за популаризација на роботиката како сега веќе препознатлив белег на современата научна фантастика.

Па така, ќе го повлечеме за привремено господинот Исак Асимов за да се стави во фокусот Карел Чапек. Чапек, за разлика од Асимов е име кое за жал не е многу популарно во круговите на лежерната читателска публика, додека кај подобро упатените читатели е повеќе запаметен како драмски автор чии дела го одекнуваат времето од неговиот краток живот, опфаќајќи ги периодите на Првата светска војна, времето по неа, големата економска криза и предвечерјето на Втората светска војна.

Роботите и машините се веќе дел од нашето секојдневие. Робот, најпросто кажано, е машина која е способна да извршува секакви работи, од прости, до сложени, пред сѐ  благодарение на програмите кои им ги вклучуваме. Имаме роботи/машини специјализирани за ископување на земја, роботи специјализирани за испитувачки мисии на морски дна, роботи специјализирани за вселенски мисии, роботи специјализирани за асиситирање или директно изведување на хируршки зафати.

Исто така имаме и роботи кои се наменети за домашни задачи, како оние мини ботчиња правосмукалки кои се погодни за семејни куќи. Би сакале да веруваме дека роботиката е нешто современо со кое се занимавате од 20-от век, што е технички точно, но историјата е многу подолга од тоа. Првите извори за она што можеме да го сметаме за робот е од старогрчката митологија. За прва вештачка креација може да се смета Талос, џин од брозна изработен од Хефест, богот на ковањето метали, кој го создал Талос по налог на Зевс. Талос ќе кружи три пати во текот на денот околу островот на кој се наоѓа Европа, една од многуте љубовници за Зевс, со задача да ги напаѓа сите бродови кои се приближуваат кон островот.

Во периодот на златната ера на Исламот од средниот век, најмногу се истакнува Исмаил Ал-Џазари, математичар и механички инжењер кој е сметан за татко на модерното инжењерство и роботиката, измислувајќи направи од типот на механизирани часовници, брани, фонтани и кукли кои испуштааат музика додека прават гестикулации на танц. Забрзаниот научен и технолошки развој во 19-от и 20-от век неминовно означувал и забрзан и успешен развој на секакви чуда од областа на денешното инжењерство и компјутерска наука. И како што се создавале пософистицирани направи за извршување на дневни задолженија, така се развивале и филозофските дебати за суштината на роботите.

Како што се намалува нивната крутост и сѐ повеќе се обликуваат да изгледаат како нас, мораме да знаеме – дали роботите се само дел од нашиот асортиман на алати? Но тие алати сега се способни да прават повеќе. Ако е тоа така, дали тоа значи дека ги сметаме за нешто повеќе од алати, но без човечки карактеристики? Што се човечки карактеристики? Дали, ако роботите стануваат се повеќе и повеќе „човеколики“ можеме да сметаме дека се живи? Но, тие немаат бели дробови. Дали е потребно да имаат бели доробови за да бидат поблиску до нас? Но, роботите немаат душа. Што е душа? Дали душата постои или не постои, вклучувајќи жестоки дебати на релација атеисти – теисти. Што ако ставаме комплицирани програми на роботи поради кои тие би биле помалку предвидливи?

Терминот „робот“ не е нешто што се користело како поим за вештачки направи, барем до раниот 20 век. До тогаш, препознатливи зборови биле аутоматони или машини. Зборот робот има словенско потекло, и е добро препознатлив за нас Македонците, како и за другите народи каде доминираат словенски јазици.

Робот има значење на слуга кој извршува работи и задачи за својот господар според современо значење. Во својата оригиналност, робот произлегува од чешкиот збор robota, термин кој означува принудна работа изведувана од феудалните селани за својот господар. Овој збор станува популарен кај западната, а подоцна и светската публика благодарение на Карел Чапек, чешкиот драматург кој во 1921 година ја напишал драмата Р.У.Р., односно Розумовите Универзални Роботи (Rossumovi Univerzalni Roboti).

За прв пат изведена како театарска претстава во Храдец Кралове во Чешка, Р.У.Р. е приказна за фамозната компанија Р.У.Р. која има фабрика за производство на роботи, битија кои не се создадени од метал, туку од неименувана вештачка органска материја. По ваков опис, роботите од Р.У.Р. се многу слични со Репликантите од Blade Runner. Роботите се нешто што е најмногу барано во моментов на светскиот пазар. Се што може да биде направено од човечка рака, може да биде извршено и од робот. Многу професии кои бараат тешка физичка работа се пополнети со роботи наместо со луѓе, роботи ги чистат улиците, роботи ги поправаат водоводните мрежи, роботи работат во рудниците, роботи градат улици и тротоари, а сега, роботи ги заменуваат и војниците луѓе, па нема потреба да се праќа жива сила на воените фронтови.

Елена, член на Лигата на човештвото (организација за човекови права на роботите) се среќава со Домин, претседател на Р.У.Р. Елена бара од Домин да го смени односот кон роботите и постепено да ги ослободи од фабриката. За разлика од Елена, Домин не верува дека во роботите има било што човечко, дека тие се создадени само за вршење на функции кои ние не би ги работеле. Мисијата на Елена се покажува како неуспешна, и како што поминуваат годините, роботите преземаат работи од луѓето кои обично не би ги ни вршеле, како сметководствено и финансово работење. Со зголемување на обемот на работа, кај роботите се раѓа чувство на презир и омраза кон луѓето, кои добиваат сознанине дека се само робови и алати во нечии раце, па така еден ден, роботите дигаат светско востание за кршење на синџирите на ропството. Востанието завршува во фабриката на компанијата Р.У.Р., каде роботите ги убиваат последните припадници на човечкиот род, поштедувајќи го животот само на еден човек – доктор Алквист, главен и одговорен инжењер на фабриката, кого роботите го сметаат како еден од нив бидејќи е единствениот човек кој сеуште вршел физичка работа како нив.

Сега знаете од каде потекнуваат нашите стравови преточени во сите можни филмови од типот на Terminator, Blade Runner, Transcendence итн. Иако овие филмови ја разработуваат тематиката за деструктивната природа на роботите и вештачката интелигенција како нешто што ќе се побуни против своите творци, има една интересна компонента од Р.У.Р. која е изоставена, па овој дел содржи информации за последните страници од драмската претстава. Роботите ја имаат издвојувано својата слобода, но после револуцијата останува прашањето – што понатаму?

Кај нив се појавува желбата за продолжување на животот на сопствениот вид, потребата од потомство. Иако Алквист е послениот човек што останува на Земјата, тој, по барање на сопствените „чеда“ бара начин како можат да се создадат нови роботи. Алквист нема ниту една формула по која може да се раководи за да создаде нови модели, но приметува една необична промена кај самите роботи, поточно кај моделот Елена и Примус. Тие создаваат чувства на љубов и припадност на еден кон друг. Иако имаат синтетичка органска материја, тие можат да создадат нов живот, исто како луѓето. Па така, Алквист со новото сознание ги венча Елена и Примус, прогласувајќи ги за Адам и Ева, новите наследници на Земјата. Можеби со помош на крајот на оваа претстава би добиле една поцелосна слика. Слика за една творба која на почетокот е проста, за со тек на времето и поголема сложеност да добие своја суштина. Како таа творба учи, размислува, чувствува и создава свои потреби. Како нашето неразбирање кон таа творба создава во нас страв, гнев и агресија, бидејќи не знаеме, или не сакаме да го разбереме она што сме го создале.

Марјан Болтевски 

Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.