#Поларис: Паралелниот човек, најлошиот адвокат и синиот археолог

Доколку веќе добар период ги читате моите текстови, тогаш сигурно сте веќе запознаени каква содржина пишувам за Радио МОФ. Во тој случај веќе сте запознаени со Love, Death and Robots, антологиската научно фантастична серија на Нетфликс која веќе има три сезони на најголемата стриминг платформа. Сепак ова нема да биде текст за Love, Death and Robots. Наместо тоа, би сакал да дадам мал вовед за антологиите. Што е научно фантастична антологија? Наједноставно, тоа е збирка на кратки содржини во едно сеопфатно дело. Така, на пример, во локалната библиотека имав прилика да се запознаам со доста книги кои содржат кратки научно фантастични раскази собрани од главниот и одговорен уредник на книгата која ги има конкретните раскази. Како уредници досега се појавиле имињата на сите сај фај писатели на кои ќе ви текне – од Исак Асимов и Роберт Хајнлајн, до Џорџ Мартин и Урсула Ле Гвин. Овој формат во областа на научно фантастичната литература има многу долга традиција, па антолошкиот формат се проширил и во ТВ медиумот, со фамозната и неповторлива Зона на самракот (The Twilight Zone). Во последниве години треба да им бидеме благодарни на Тим Милер и Дејвид Финчер што ни дадоа несекојдневна презентација преку Love, Death and Robots, која располага со епизоди направени во различни анимациски стилови. Но, Нетфликс не е единствената компанија која е заслужна за повторното воведување на антологиите во ТВ просторот, па така, би сакал да се запознаете со Dust, канал на YouTube со околу 3 милиони претплатници. Бројката не е на завидно ниво и не може да парира со бројот на претплатници на Нетфликс, но затоа има далеку поголема содржина од она што Нетфликс може да го понуди. Dust полека се има градено како канал на кој може да се гледаат кратки научно фантастични филмови, било да се играни, било да се анимирани. Поголемиот дел се продукција на независни автори и компании, но благодарение на постепениот раст, Dust сега се појавува и како продуцентска компанија, па така на каналот има и филмови кои можат да се најдат само на нивната YouTube платформа. Бидејќи Dust има голем каталог на квалитетни содржини, невозможно е да ставам се во еден текст, па еве, нека стане традиција пишувањето на блок текстови за антологии, затоа што кратките содржини заслужуваат поголемо внимание за своја промоција, а како бонус е нивната лесна достапност на YouTube.

Прв на листата е Паралелниот човек (The Paralel Man) на режисерот Џефри Морис, име кое стои зад потписот на многу сај фај филмови кои се Dust оригинали. Приказната е за прашањето – дали Мултиверзумот постои? Накратко, под мултиверзум се подразбира постоењето на бесконечни паралелни димензии. Во секоја димензија постои нашата планета Земја, но не секоја верзија е иста. Во една димензија можно е Земјата да е сеуште во Ледената доба, во друга димензија диносаурусите не изумреле и тие станале вид кој еволуиралво понапредна форма. Во некоја трета димензија на целата површина на Земјата виреат џиновски печурки и поради тоа атмосфреата е отровна за секаков живот. Но, исто така, има и една димензија каде Земјата поминала под поинаков развој – да кажеме дека историјата на таа Земја е слична како нашата се до Втората Светска војна. Во тој пресуден период, научници од САД создаваат посебна направа која им отвара врати за премин во други паралелни димензии. Со помош на оваа технологија, САД ја добиваат војната против оската Берлин-Рим-Токио, но по цена на речиси целосен колапс на природата и човечкото општество. После војната, САД ја користат оваа технологија за извидување на димензии каде има плодна и не толку цивизизациски напредна Земја. Доколку критериумите се исполнети, американскиот режим ја започнува инвазијата на посакуваната димензија. Оваа инвазија од една во друга димензија се нарекува анексија. Следната е планирана за нашиот свет. Специјалниот агент Ник Морган скока од универзум во универзум во потрага по решение кое ќе ја спречи американската империја во следниот поход и е можеби единствената надеж да се спречи циклусот на освојувања. Единствена маана на Паралелниот човек е во нејзиното времетраење, само 10 до 12 минути, а филмот дефинитивно заслужува поголема минутажа, бидејќи служи повеќе како вовед во нешто поамбициозно. Се друго си е на место. Паралелниот човек е анимиран филм, каде е користена 3D анимација која е покриена со 2D цртеж. Со оглед на тоа што филмот е акција од старт до финиш, некако е тешко да се очекува добро движење со оглед на тоа што имаме доста динамичност, но FutureDude Entertainment која стои зад анимацијата има извршено одлична задача. За посебна пофалба е и ангажирањето на Џон Чо (Cowboy Bebop) како агентот Морган и Ланс Редик (The Wire, John Wick, Resident Evil) како неговиот придружник – вештачка интелигенција. Како што веќе пишав, штета е што имаме само десет минути од ова ремек дело, но ништо нема да ве чини (освен десет минути) да го изгледате и да видите каква визија има Џефри Морис во случај да го продолжи овој проект, па еве ви линк од филмот.

Нашата втора дестинација е Последната понуда (Final Offer) на режисерот Марк Слатски. Хенри е лош адвокат, иако тоа може да биде помилозлив збор. Хенри е можеби најлошиот адвокат, секогаш склон да ги губи дури и најлесните случаи, па сведен е повеќе на адвокат кој може е подобар само за застапување клиенти во однос на сообраќајни прекршоци. Еден ден Хенри се буди во една убава просторија исполнета со богата библиотека, неколку статуи од античкиот период, а во средината се наоѓа биро, додека покрај бирото стои Оливија, жената која ја има запознаено пред да се онесвести и потоа разбуди во оваа просторија. Оливија му кажува дека постои живот надвор од Земјата, и тоа далеку поцивилизиран и технолошки напреден од оној на Земјата, а Хенри е посебен човек, бидејќи е избран како правен претставник на Земјата која ја застапува како клиент во еден посебен граѓански случај од галактички размери. Оливија претставува клиент од друга галаксија кој сака да ги исцрпи сите океани од лицето на Земјата. За возврат, доколку Хенри стави потпис за издавање на океаните, тој би добил место на живеење на некоја планета погодна за човечки живот. Хенри, полека соземајќи се, е свесен дека Оливија уште од старт го изиграла, местејќи го шпилот карти на една партија покер која не ни започнала. И да не потпише, ставен е временски рок од максимум пет минути за кој никој не е свесен. И да се согласи, и да одбие, по истекот на рокот, клиентот ќе ја добие својата вода. Соочен со тежината на светот на своите плеќи, Хенри посега по чашка виски и е на раскрсница – дали да го даде својот потпис, или можеби ќе најде начин да смени нешто. Последната понуда се одвива само на една локација, има само двајца протагонисти, каде кастингот го сочинуваат Арон Абрамс (Хенри) и Ана Хопкинс (Оливија) и се се случува во рок од десет минути. Не преовладуваат некои визуелни ефекти, но и нема потреба од тоа, бидејќи се што е потребно во овој филм е хемијата помеѓу актерите. Најдобрата споредба која би му ја дал на овој филм е дека е повеќе инспириран од Автостоперскиот водич низ галаксијата на Даглас Адамс, каде ретко сме сведоци на научно фантастични драми-комедии со апсурдна тематика. Линк од филмот имате овде.

Последен избор за овој текст е Алиентолози (Alientologists) на Тајлер Рабиновиц. Овде се среќаваме со група која личи на луѓе, но имаат сина боја на кожата и немаат коса. Зборуваат на неразбирлив јазик и управуваат со вселенски брод. Бродот е „паркиран“ до една распарчена планета. Не ни треба многу време за да видиме дека таа планета е нашата Земја. Не, вонземјаните кои ги следиме не се одговорни за нејзиното уништување, напротив, не ги знаеме причините за тоа, но тоа не е фокусот на приказната. Оваа група собира предмети кои кружат околу орбитата на сега веќе уништената планета со помош на направа за енергетско транспортирање. Предметите кои ги гледаме ни се добро познати – варираат од запалки, кукли, чевли, до фармерки и градници. Вонземјаните се во состојба на постојана љубопитност како мали деца и се фасцинирани од секој предмет. Но она што ќе ги остави без здив е кога едниот од нив ќе „фати“ поголем плен – една повисока машина, со посебно украсување, за нас позната како музички џубокс. Иако не можеме да го разбереме јазикот на кој зборуваат, и нема титлови, доволен е говорот на телото за да заклучиме дека ова е екипа чија цел е да не истражува нас, поточно нашето наследство, како вид кој одамна го нема на сцената, но за нив ова е и тоа како интересен период, дека знаат дека не се сами во вселената, дека имало цивилизација која создавала чудни и интересни предмети кои поради својата драгоценост ќе бидат чувани во нивните музеи и ќе пишуваат тези за нас – како сме изгледале, колку долго сме живееле, што сме јаделе и за која цел ни се сите тие предмети. Како да сме цел на изучување на тим на археолози кои секако поинаку би реагирале доколку сме оствариле успешен прв контакт, па слободно кликнете на линкот за доживувањата на сините археолози.

Марјан Болтевски 

Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.