Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа работна недела, Радио МОФ ви ги претставува ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина и слично. 

1. Шар Планина стана национален парк

Пратениците во Собранието на Република Северна Македонија со мнозинство од 66 гласови го донесоа Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк.

Со изгласувањето на овој закон, земјава го доби четвртиот национален парк, по прогласувањето на последниот во 1958 година и првиот по осамостојувањето на земјава.

2. Студентите од септември ќе добиваат пари на сметка за субвенциониран оброк – изгласани законските измени

По скратена постапка, пратениците вчера на 39. седница ги изгласаа измените и дополнувањето на Законот за субвенциониран студентски оброк.

Со новите измени, Министерството за образование и наука ќе исплаќа средства на трансакциската сметка која студентот ја има пријавено во пријавата за стекнување на правото. Исплатата треба да се врши првиот работен ден во месецот во износ еднаков на бројот на субвенционирани оброци на кои студентот има право за тој месец.

3. „Роаминг како дома“ – какви промени донесоа олеснувањата во роамингот

Веќе автоматски се доделени услугите за Западен Балкан. Сите постпејд корисници кои имаат вклучен сообраќај (минути и СМС) кон други мрежи во Македонија во месечната претплата, истиот ќе може да го користат во земјите од Западен Балкан, велат од Телеком за Радио МОФ на прашањето дали укинувањето на роамингот ќе важи за веќе започнатите пакети со Телеком.

Олеснувањето во роамингот за Македонија, Србија, Албанија, БиХ, Косово и Црна Гора започна од 1 јули со процесот „Роаминг како дома“.

4. [Подкаст] Што е муабетот со донирањето органи?

Во Северна Македонија, програмата за трансплантација започнува во 2013 година. Прво се започнало со трансплантација на бубрези, а од скоро и на срце. Најмладиот донор досега имал само 15 години, чиј бубрег помогнал на друг пациент.

Радио МОФ разговараше со Маја Мојсова Мијовска, Национална координаторка за трансплантација за да ни појасни што е муабетот со донирањето органи.

5. Избрана победничката снимка на конкурсот „Да бев премиер/ка, јас ќе….“

Еуген Шеј е средношколецот кој ја доби наградата од Радио МОФ за аудио снимка на тема „Да бев премиер/ка, јас ќе….“, со кој од вас побаравме, во една минута да ни кажете што ќе направите за младите ако сте премиер/ка на еден ден.