„Роаминг како дома“ – какви промени донесоа олеснувањата во роамингот

Веќе автоматски се доделени услугите за Западен Балкан. Сите постпејд корисници кои имаат вклучен сообраќај (минути и СМС) кон други мрежи во Македонија во месечната претплата, истиот ќе може да го користат во земјите од Западен Балкан, велат од Телеком за Радио МОФ на прашањето дали укинувањето на роамингот ќе важи за веќе започнатите пакети со Телеком.

Олеснувањето во роамингот за Македонија, Србија, Албанија, БиХ, Косово и Црна Гора започна од 1 јули со процесот „Роаминг како дома“.

Според Телеком, за тарифите коишто немаат вклучен сообраќај кон други мрежи во претплатата или пак го потрошиле вклучениот, ќе се тарифира по домашната цена според официјалниот ценовник (Цена по Минута/СМС), но не повисоко од дефинираниот максимум согласно регулативата.

Ако се погледне Ценовникот, во делот за збирот за малопродажна цена, стои дека не смее да се надмине 0,19 Евра/минута, 0,06 Евра/СМС и 0,18 Евра/МБ.

Телеком вели дека дојдовните повици од 6-те земји, додека корисникoт е на територија на било која од нив – се третираат како дома и нема да се наплатат.

„Сите постпејд тарифи кои имаат вклучен интернет сообраќај во месечната претплата ќе добијат дополнителен месечен интернет пакет кој може да го користат додека се во роаминг во WB6 земјите“, соопштува Телеком.

По искористување на овој пакет, велат тие, услугата се прекинува и корисникот ќе може да продолжи да користи интернет доколку активира Интернет Свет, T&S или Балкан пакет.

Агенција за електронски комуникации (АЕК) веќе потврди дека интернетот не е бесплатен, туку бесплатен е определен дел вклучен во претплатата.

Фото: Unsplash / Stefan Spassov

„Операторот има историја на потрошувачка на услугите за секој корисник и отприлика очекува исто однесување од нив ако патуваат во една од овие (шест) земји. На пример, имате пакет со 10 гигабајти интернет и го трошите за четири недели. Ако одите на седумдневен одмор во регионот, операторот очекува од вас да потрошите 2,5 гигабајти за една недела, односно една четвртина. Ако троши 10 гигабајти и потроши 100 гигабајти, таа разлика ќе ја плати корисникот. Затоа, не се опуштајте со интернетот додека сте на плажа, затоа што бесплатниот роаминг не значи и целосно бесплатен интернет, рече Игор Бојаџиев од АЕК во изјава за ММС.

За да се избегнат проблемите со корисниците кои поради неинформираност би можеле да потрошат повеќе интернет отколку што имаат во домашниот пакет, од АЕК рекоа дека според Правилникот за политики за фер користење, кога корисникот ќе го искористи својот мобилен интернет, операторот треба да прати барање до АЕК за стопирање на услугата и со тоа би се избегнале неочекувани сметки од 200 до 300 евра.

Премиерот Зоран Заев вчера во Охрид преку селфи со Мајлинда Брегу, генерална секретарка на Советот на регионална соработка во рамките на Берлинскиот процес, изрази задоволство за олеснувањето во роамингот.

„Од денеска нашите граѓани можат да комуницираат за 0 денари во роаминг. Наполнете ги телефоните и разговарајте бесплатно во роаминг“, беше пораката на Заев.

Тој рече дека ова е договарано од 2019, кога владите на шесте земји потпишаа спогодба со која се согласија прво постепено да ги намалат цените на роамингот, а потоа тие да бидат целосно укинати помеѓу земјите од Западен Балкан.

Бојан Шашевски