Шилегов: Домаќинствата се главниот загадувач, индустријата работи по евростандарди

„Индустриските капацитети во Скопје градов работат по утврдени европски стандарди и според сите студии  имаат многу низок удел во загадувањето на воздухот. Вперувањето со прст во индустријата како главен причинител на загадувањето е дефокусирање од реалниот проблем кој во голем дел го загадува воздухот, а тоа се домаќинствата кои се греат на цврсти горива и неисчистените оџаци“, изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на форумот на тема „Главните градови соочени со проблемите поврзани со животната средина“ организиран од Францускиот институт во Скопје.

Шилегов вели дека од 39 мерки за борба против загадувањето, во изминатава година остварени се 17, започнати 12, пет не се надлежност на Градот и пет мерки се неостварени.

„Остана ли нешто што сме го дискутирале и е применливо, а градската администрација не го преземала?“, праша Шилегов кој повтори дека чистиот воздух и животна средина се приоритет на градските власти во идниот период.

Во своето обраќање скопскиот градоначалник ја бранеше и кандидатурата на Скопје за престижната награда „Европска зелена престолнина“ во 2021 година.

„ Јасно се гледа појдовната позиција на градот пред една година кога јас ја преземав функцијата градоначалник, и напредокот кој го имаме изминативе 12 месеци во градот за подобрување и развој на Скопје“, изјави Шилегов.

Меѓу мерките кои Градот Скопје ги презеде за намалување на аерозагадувањето, тој ги спомена засилениот комунален надзор пред се за недозволените палења на отворени огнови , акцијата за садење дрвја во градот, еколошката налепница за автомобилите, новоформираното градско претпријатие за гас и парно, субвенциите за велосипеди, електрични тротинети, печки на пелети, чистење на оџаци…

Форумот понуди можност за дискусија за проблемите и предизвиците со кои се соочува градот, а кои се однесуваат на загадувањето во зимскиот период, сообраќајот, ширењето на градот, потребата од подобрување на средствата за јавен превоз, напредокот во зголемувањето на зелените површини… На денешниот форум пред присутните се обратија и амбасадорот на Франција во Република Македонија, Кристијан Тимоние и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули.