Шесто издание на „Прво па женско“ од 3-ти до 6-ти мај во МКЦ

„6 часа работа, 6 часа култура, 6 часа активизам, 6 часа одмор“ е застапувачки предзнак на шестото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“, кое ќе се одржи од 3-ти до 6-ти мај во МКЦ – Скопје.

Фестивалот во четврток на пладне ќе започне со дискусија за женската солидарност и социјалното претприемништво, а вечерта во 21 часот официјално ќе биде отворен со изложба која го актуализира прашањето за неплатениот домашен труд.

„Унапредувањето на работничките права на жените, вреднувањето на неплатениот домашен труд на нашите сограѓанки, изнаоѓањето начини за свесно давање отпор на современите и некогашни облици на експлоатација и девалвирањето на трудот и достоинството, се прашања кои го оформуваат тематскиот фокус на овогодинешниот фестивал“, велат организаторите.

Целосната програма на фестивалот може да ја најдете на фејсбук настанот на Tiiiit! Inc.