Шаќири: Ќе предложам итна проценка на безбедносните ризици, кои во голема мера се потхрануваат од мрежи како ТикТок

„Земајќи ги предвид случувањата во соседна Србија, а со цел намалување на сите можни ризици и закани за безбедноста на учениците и наставниците во училишна средина, на Владата на Северна Македонија и безбедносните органи ќе им предложам итна проценка на состојбите и безбедносните ризици, кои што во голема мера се потхрануваат од одредени социјални мрежи, како ТикТок“.

Ова денеска во писмена изјава го посочи министерот за образование и наука Јетон Шаќири, откако пред неколку дена во Србија ученик уби осум ученици и чувар во Основното училиште „Владислав Рибникар“ во центарот на Белград. МОН пак, вчера отвори и мејл адреси на кои ќе може да се пријавува насилство во училиштата, за институциите да можат веднаш да реагираат и да спречат сериозни ситуации.

Дополнително, Шаќири посочи дека имајќи предвид дека социјалните мрежи не треба да се користат во училишна средина, МОН веќе изработува протоколи и насоки за стручните служби на училиштата и наставниците, со цел тие ризици да се минимизираат, а нивната употреба да се ограничи или целосно да се оневозможи.

„Ги повикувам сите наставници, како и родители, на поотворен дијалог, надминување на шокот и неверувањето, промоцијата на разбирањето и позитивните согледувања, со цел да се помогне на своето дете, како и на децата околу нас, бидејќи тие се најзагрозената категорија во моментот. Исто така веќе во консултација со експертската заедница од повеќе институции и факултети, ќе се зајакнат дополнително превентивните програми за борба против булингот, промоција на ненасилството и дијалогот, како клучни елементи за образование и развој на нашите ученици“, рече Шаќири.

Инаку, денеска пратеничката и претседателка на Либерално демократската партија (ЛДП) Моника Зајкова најави дека до Владата ќе поднесат низа предлози, меѓу кои и за забрана на ТикТок и други социјални мрежи кои, како што рече, поттикнуваат насилство.

„Забрана и контрола на симнување на игри, содржини и апликации кои експлицитно покажуваат и поттикнуваат насилство. Исто така, преглед и контрола на филмови кои можат особено кај помладите луѓе да поттикнат насилство, манипулативно да бидат употребени во пропагандистички цели со величење на насилството. Најостра контрола на издавањето и поседувањето на огнено оружје, проверка кој се поседува оружје, контрола и забрана малолетни лица да вежбаат во стрелишта и казни за родителите кои ги мотивираат децата да ракуваат со вакви убиствени направи“, стои во предлогот на Либерално демократската партија.