Постојани полициски патроли ќе ги обезбедуваат училиштата во случај на дојава за бомба

Министерството за внатрешни работи (МВР) со постојани полициски патроли ќе ги обезбедува училиштата во случај на дојава на бомба. Освен ова, отсега до училиштата ќе биде доставувано упатство од МВР, а дополнително директорите ќе добијат и упатство од Министерството за образование и наука (МОН) за постапување во случај на дојава.

Овие мерки беа презентирани и разговарани на вчерашната средба меѓу првите луѓе на МВР и МОН, премиерот Димитар Ковачевски и директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски.

„Комплементарно на упатството кое МВР го има разработено, се работи и на упатство со мерки од страна МОН до сите директори на сите училишта на територијата на Република Северна Македонија, кои ќе имаат обврска да го применат со цел јакнење на безбедноста на учениците и наставниот кадар и непречено одвивање на наставниот процес“, информираат од Владата.

Оттаму додаваат дека најавените мерки ќе им бидат детално образложени на директорите на училиштата во следните неколку денови, а соодветно ќе бидат известени и родителите и јавноста.