Серијата „Генерација Бушави“ го поставува прашањето „Каде оди нашата генерација?“

„Генерација Бушави“ е новиот филмски серијал на независната продукција „Марви“, од кој веќе се излезени три епизоди на стриминг платформата „Gley.mk“.

Станува збор за играна серија од шест епизоди што влече инспирација од популарната „Black Miror“ каде секоја епизода има различна приказна, но се обработува иста тема.

„Во текот на процесот на пишување сценарија, одлучивме да ги поврземе сите приказни во последните две епизоди. Сите ликови да дојдат на едно место, да ги судриме нивните светови. Со цел да го поставиме прашањето ‘Каде оди нашата генерација?’. Прашање на кое не може да му се најде одговор, но ајде да се обидеме да го побараме. За да се оживее оваа прва сезона беа потребни 4 години“, раскажува младиот режисер Мартин Чичовски кој идејата ја добил заедно со неговата колешка и другарка Марија Додовска.

Проектот, според Чичовски во насловот се обидува да ја опише денешната млада генерација која, како што вели, е бушава, ненаспана, изморена, депресивна.

Младите филмаџии претходно активни и со филмовите „Ема“, семејните „Светлина“  и „Другата Страна“, хумористичниот филм „Јас не сум пе*ер“ како досега така и овој пат, при продуцирањето на серијата функционирале надвор од стандардно работно време во осумчасовна рамка.

„Често создаваме, организираме нови проекти, доаѓаат нови луѓе“, вели младиот режисер, „Ако работиме заедно на проект, сите сме дел од тимот на ‘Марви’, доброволно. Летово заедно со мојата другарка и колешка Оливера Каменаровска снимивме краток филм ’16’ кој го посветивме на нашето маало Црниче, нашето детство и автобусот 16ка“, додава тој.

За успешниот четиригодишен процес на снимање на „Генерација Бушави“ најодговорна, вели нашиот соговорник, е Елена Тодорова, извршната продуцентка на серијата.

„Гласот на Елена можеше да се чуе како довикува од другата соба, дека продолжниот кабел за светлото нема да стигне. Гласот нејзин беше најгласен во соба со 25 луѓе внатре. Понекогаш дури и предвидуваше настани. За тоа сме и благодарни“, се сеќава креативецот.

Бушавите премиерно беа емитувани летово, во киното Милениум, а сега серијата е достапна онлајн преку платформата „Gley.mk“, сепак тимот не е сигурен дали некогаш ќе дозволат да се прикажува на некоја од домашните телевизии.

„Ние младите сме веќе навикнати да гледаме филмови и серии онлајн на стриминг платформи, полека и забораваме дека постои телевизија. Затоа одлучивме да соработуваме со ‘Gley’. Но, не сме сигурни дали во иднина би одлучиле да ја емитуваме серијата на телевизија“, вели Чичовски и додава дека нова епизода на Gely.mk излегува секој петок.

Генералниот впечаток на тимот според досегашните реакции на публиката која имала можност да ѕирне во проектот е дека тематиката е поддржана и прифатена.

„Кога сме кај гледање на серијата, организиравме бинџинг ноќ за тест публика заедно со цела екипа, каде што ја изгледавме цела серија во една вечер. Имаше моменти каде ни екипата не можеше да ги тргне очите од екранот. Од тест публиката беа воодушевени, споделија со нас дека омилени епизоди им биле последните две, судирот помеѓу приказните. Дел од нив се пронајдоа во ликовите, дел беа вознемирени, дел започнаа во потрага по одговорот на прашањето“, сподели Чичовски.

За оние што сè уште не гледале ниту една епизода од серијалот, Чичовски рече дека не може да ја открие пораката што ја дава нивниот проект. „Ако ја откриеме пораката, би откриле сѐ, сега за сега ќе мора да остане мистерија. Пораката е поврзана со прашањето кое сакаме да го поставиме“, рече тој.

Во однос на актерскиот тим, режисерот забележа дека досега организирале кастинзи и на тој начин успеале да генерираат нови актери кои во главно се млади луѓе што сакаат да си ја пробаат шансата.

„Правите актери ги пронајдовме на отворен кастинг. Можеби треба почесто да се организираат отворени кастинзи, можеби нема потреба толку често да се рециклираат истите актери. Факт е дека има скриени ѕвезди помеѓу нас“, истакна Чичовски.

Иако сѐ уште не се знае дали и кога би било тоа, екипата на „Марви„ размислува за враќање со втора сезона.

Фото: Мартин Чичовски

Ангела Бошкоска