„Другата Страна” – филмска семејна фантазија снимена без пари, среде пандемија

„Другата страна“ е втор долгометражен филм од младинската „Марви продукција“. Филмот премиерно ќе биде прикажан во „Cineplexx“ кон крајот на февруари и почетокот на март.

Од тимот на младите креативци велат дека  „Другата страна“ е првата македонска семејна фантазија, додавајќи дека филмот се разликува од останатите производи од „Марви“ бидејќи е наменет за многу помлада публика.

Филмот ја раскажува приказната за Бобо и Софи, кои по загуба на нивните родители се приморани да пораснат побрзо од своите врсници. Со помош од најблиските, пробуваат да се справат со реалноста во која живеат. Нивниот поглед кон светот драстично се менува откако ќе го пронајдат светот за кој секогаш сонувале.

„Другата страна“ е снимен во август, оваа година , а дејството на филмот се одвива на повеќе локации низ Скопје – населбата Аеродром, Водно и градскиот парк. Од „Марви“ нагласуваат дека филмот е снимен без финансиски средства, во време на пандемија.

На филмот работеле вкупно 15 деца. Актерската екипа ја сочинуваат Филип Каменаровски, Јелопи Седеу Нишевиќ, Марија Клепова, Тодор Стојковски, Ана Петановска и Вања Тројачанец.

Филмот е во режија на Мартин Чичовски, а сценариото од Оливера Каменаровска и Мартин Чичовски. Марија Додовска и Христо Чолаков се одговорни за камерата и тонот.

Младите кинематографи велат дека идејата за филмот потекнува од она што се случува денес – сите оние работи кои луѓето свесно ги прават, а го убиваат светот, додавајќи дека сите знаеме како сакаме да изгледа светот, меѓутоа не знаеме што точно тој сака од нас.

„Во филмот ни се претставени два различни света, реалниот и оној за кој секогаш сме сонувале. Главните ликови во филмот, Софи и Бобо, се справуваат со тешка одлука, каде што треба да изберат еден од овие два. Слично со она кое се справуваме и ние секојдневно, но кој подобро да ја направи таа одлука, ако не децата, кои ни се и таргет публика за овој филм“, објаснуваат од „Марви“.

Оттаму најавуваат дека филмот на почетокот на 2021 ќе има светска премиера во Канада.

Во продолжение, погледнете го трејлерот за „Другата страна“.

И.С.