Завршија регионалните средби за обука на службениците за млади

Во Агенцијата за млади и спорт денеска се заокружи циклусот од осум информативни регионални средби „Младински центар во секоја општина“ кои ги организираа од Сојузот за младинска работа во соработка со Агенцијата за млади и спорт.

Целта на вие регионални средби беше да се информираат и поддржат службениците за млади од општините во процесите за воспоставување на младински центри во согласност со обврските кои произлегуваат од Законот за младинско учество и младински политики и Правилникот за стандарди за квалитет на младински центри.

„Во моментов ја одржуваме последната информативна средба од низата кои ги имавме изминативе две недели, сега е скопскиот регион. Тука сме да го обучиме, или, да ги информираме службениците за млади, со нивните колеги што доаѓаат конкретно од општините за да отворат младински центар. Ова произлегува од Законот за младинско учество и младински политики, кој што беше донесен јануари 2020 година, каде што се обврзува секоја општина да може да отвори барем минимум еден младински центар. До сега се отворени четири младински центри од вкупно 80 кои што ги имаме“, изјави за МИА Стефан Стефановски од секторот за млади од Агенција за млади и спорт.

Од Сојузот за младинска работа посочуваат дека на досегашните средби учествувале 27 општини и 51 учесник. Како што напоменаа досега младински центри се отворени и функционални во Кавадарци и Куманово.

Според Законот за млади, младинските центри се предвидуваат да бидат формирани во секоја општина и треба да претставуваат места каде се подготвуваат и спроведуваат програми кои ја подобруваат благосостојбата на младите, развојот на нивниот личен, социјален и професионален живот, информации од важен интерес и други аспекти од животот на младите.

Истовремено општините имаат обврска и за назначување службеник за млади, кој според Законот е лице одговорно за работење на канцеларијата за млади, за координирање, спроведување и следење на прашања од интерес на младите во делокругот и надлежностите на институцијата.

Радио МОФ претходно во повеќе наврати пишуваше дека и две години по носење на Законот за млади бројни предвидени законски одредби не се почитуваат, или пак доцнат. Повеќе за тоа може да прочитате на текстот во продолжение:

Две години по донесувањето, Законот за млади не ги испорачува сервисите за младите