Младите се засегнати и за депонии или бездомни животни, не треба да ги „врзуваме“ само со спорт и култура

Нередовен превоз до градот, недостаток на ноќен живот, недоволен број на младински центри за дружење и спорт, недоволно филмови и претстави во кино се дел од проблемите мапирани во документот за јавни политики „Младинска вклученост во единиците на локалната самоуправа“ што беше промовиран на денешната тркалезна маса во организација на Младинскиот Образовен Форум (МОФ).

Авторката на документот, Јоана Тренеска нагласи дека потребна е поблиска соработка помеѓу младинските службеници на општините и младите.

Воедно, смета таа, треба да ја оставиме застарената пракса да ги „врзуваме“ младите исклучиво за младински проблеми. Младите се хетерогена група која подеднакво е засегната со проблемот со палење на депонии, бездомни кучиња, колку што е засегната со колку општината инвестира во култура, спорт забава и слично.

„Во рамките на проектот кој цели кон децентрализација спроведовме шест работилници со млади каде тие имаа можност да мапираат проблеми што ги засегаат во нивното место на живеење и да им се каже како да пристапат кон општината во која живеат, а воедно и да ни кажат зошто не пристапуваат. Преку проектот направивме анализа на општините и состојбата на младите во тие општини. Согласно и претходните истражувања на МОФ, а и сега се потврди дека има најмалку инвестиции во секторот за култура и забава. На пример во Полошкиот регион, според Државниот завод за статистика нема кино и театар“, истакна Тренеска.

Фото: МОФ

На денешната тркалезна маса присуствуваа претставници на институции и разни организации од Македонија, а во дискусијата за проблемите на младите на локално ниво беше спомената и имплементацијата на Законот за младинско учество и колку тој се спроведува.

Имено, според документот, само 10 општини имаат локален младински совет, иако законот е донесен пред пред две годиини. Притоа, само во 14% од општините е усвоена локална стратегија за младите.

„Не сметам дека бројот на регистрирани организации е доволен за да може да се отпочне тој процес на формирање на национално советодавно тело за млади што според мене ќе биде тој систем за контрола на работата на локалните власти и институции. Не знам како ќе успееме во општина како Зрновци каде што има толку малку млади луѓе ќе успееме да формираме локален младински совет или да отвориме младинки центар, но ќе бараме начини. Заедно со Агенцијата за млади и спорт имам поминато во скоро 70 општини каде има оставено прирачник за тоа како се избираат локални младински совети. Проблем е што младите не се пријавуваат, не знам што може да направиме да ги мотивираме да се вклучат. Свесен сум дека најголемиот проблем е немањето доверба во институциите, вториот проблем е со младинските службеници, дел од нив се’ уште работат, дел немаат никакви работни обврски, а некаде не се избрани“, посочи советникот за млади во Владата, Ѓорѓи Тасев.

Освен тоа што само во 12% од општините има формирано локален младински совет, податоците од Документот укажуваат дека на ниво на целата држава регистрирани се само 64 младински организации од кои 34 се во Скопскиот регион, по 6 има во Полошкиот и Пелагонискиот, 5 во Источниот, а во останатите региони има по помалку од 5 младински организации.

Според последниот попис, најмал број на млади има во Општина Зрновци, каде има само 315 лица на возраст од 15 до 29 години, потоа следуваат Лозово – 336 и Новаци 398 млади.

„За проблемот со иселувањето и пасивноста на младите, можам да кажам дека се должи на тоа што немаме доволно младински центри каде младите, особено средношколците би можеле да го поминуваат слободно време. Немаме читални, немаме центар каде би можеле младите да се занимаваат со одреден спорт како теретана, немаме млади претставници по институциите и оттука гледаме дека немаме можност да се развиваме понатаму“, Мејрема Мемедова од организацијата КХАМ – Делчево.

Фото: МОФ

Извршната директорка на Младинскиот Образовен Форум, Теодора Столевска истакна дека при креирањето на младинските политики пред се’ треба да се земат предвид потребите на хомогената група млади луѓе и тие да не се ограничуваат само на тоа дека треба да се грижат за екологијата, за образованието и за младинското учество, туку како што потенцираше, да се охрабрат да зборуваат за нивните вистински потреби.

„При последните две акции на МОФ, едната група млади од основното училиште ‘Партениј Зографски’ успеаја да обезбедат толкувач на знаковен јазик за сите во секоја поголема болница во државата. На младите треба да им дадеме простор самите да ги креираат и да не претпоставуваме дека не знаат што сакаат. Многу им се практични потребите. Кога отидовме во училиштето ‘Орце Николов’ и ги прашавме што сакате да направите, ни одговорија дека автобуските линии не им се поклопуваат со часовите. Тоа беше огромна голгота што требаше да се помине за линијата на 8 да го промени својот термин, но тоа беше нивната потреба“, рече Столевска.

Таа упати апел до институциите и до младинските организации да почнат да ги спроведуваат работите преку слушање на младите и нивните вистински барања и потреби.

Препораките за зголемување на младинската вклученост наведени во документот укажуваат на 0рганизирање повеќе отворени денови. Потоа, едукативни екскурзии и посети на општините и локалните институции, младинските службеници редовно да ги посетуваат училиштата со цел средношколците да се запознаат со нивната и улогата на локалните младински совети, но и да се интензивира соработката со локалните граѓански организации.

Исто така, да се креира платформа за поплаки и идеи од страна на млади лица во секоја локална јавна установа и да се споделуваат искуствата на веќе формираните локални младински совети.

Ангела Бошкоска