[Интервју] Мартин Чичовски, режисер на ,,Светлина”: Филмот носи моќна порака за младите

На годинешното издание на филмскиот фестивал ,,Џифони“ ќе се случи премиерата на филмот ,,Светлина”, чиј режисер е младиот Мартин Чичовски. Со него веќе разговаравме пред премиерата на неговиот прв филм „Ема“ кој го обработуваше секојдневието на младите.

Мартин Чичовски, режисер

Содржината на „Светлина“, пак, не е базирана според вистинска приказна, но прикажува една навистина реална слика за ставовите, стравовите и проблемите со кои се соочуваат тинејџерите, раскажувајќи ја приказната за седумнаесетгодишната Хана која кога останува бремена, всушност дознава дека и нејзините родители ја носат со себе истата приказна. А, прашањето што се поставува е: колку родителите влијаат на детето?!

Преку филмот ,,Светлина”, Мартин ќе го одговори прашањето за влијанието на родителите врз детето, но тој е веќе сигурен дека и децата можат да влијаат на возрасните – да ги инспирираат и поттикнат.

,,Слушајќи ги младите кои сакаат да се занимаваат со филм, како со ентузијазам зборуваат за тоа, но се плашат да направат нешто, и слушајќи ги постарите кои се имаат откажано од филмската индустрија поради условите што ги нуди државата, се инспирирав не само да склопам некоја приказна, туку и да ги мотивирам да креираат нешто свое. Според мене, може да се успее и тука, кај нас, не е невозможно”.

Покрај Мартин, кој е режисер и сценарист, тимот кој изминатиов период работи на филмот е составен од: Марија Додовска- актерка (главен лик-Хана), Матеа Димовска – актерка (Мина); Вања Тројачанец – актер (Емануеле), за зад камерата работат Софи Лазовска и Ангела Стојковска, познати како ,,Frozen time drops”.

Тие на филмот работат околу три месеци, вклучувајќи го пишувањето на сценарио, собирањето на екипа, буџет, снимање и монтажа. Снимаат на различни локации низ Скопје и поголемиот дел од сцените се снимени во центарот на градот.

Кога зборуваме за нивните очекувања од филмот, тие имаат многу високи и позитивни очекувања.

,,Сите ние млади сме научени да го поминуваме поголемиот дел од слободното време гледајќи американски филмови и серии, особено на ,,Нетфликс”. Целта ни беше да направиме македонски филм со таргет публика-млади, кој ќе биде интересен како и американските филмови, но со себе ќе носи моќна порака.”

Тие со нетрпение ја чекаат премиерата на ,,Светлина”, но и дискусијата со публиката која следува по завршување на филмот. А како што и претходно споменавме, овој филм не е првото искуство на Мартин. Тој е режисер и на филмот ,,Ема” кој годинава стана познат кај тинејџерите.

,,Дефинитивно се чувствувам поподготвен. Со снимањето на филмови успеав да стекнам големо искуство и сум спремен дури и за поголеми предизвици. Вистина е тоа што го зборуваат сите – во филмската индустрија, ќе сакаш да бидеш само продуцент, но ќе научиш како да се биде и режисер, сценарист, монтажер, кинематограф и сè останато…”

Тој вели дека е тешко да се споредат неговите два филма ,,Ема” и ,,Светлина” бидејќи станува збор за голема разлика. Според него, тие како тим, се имаат многу подобрено во техничкиот дел, но ако се зборува за приказната на филмот – тој ќе ја остави публиката да ја даде својата критика.

,,И сè друго што имам да кажам е дека приказната не завршува тука, ова е само првото поглавје од ,,Светлина”.”

Ана Илиева