Сексуалните работнички со црвени чадори во центарот на Скопје одбележаа „5353 денови до правда“

Сексуалните работнички од земјава, организирани од првиот колектив на сексуални работници на Балканот – СТАР и Здружението за опции на здрав живот, ХОПС, вчера со Марш на црвените чадори во центарот на Скопје традиционално го одбележаа Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работнички, 17 Декември. Тргнувајќи од Спомен-куќата на Мајка Тереза, преку плоштадот „Македонија“, сексуални работнички и нивните поддржувачи, стигнаа до плоштадот „Филип Втори“, од другата страна на Камениот мост, објави Мета.

Под мотото „5353 денови до правда“, тие ја одбележаа задоцнетата правда, со пресудата на Европскиот суд на човекови права од годинава, со која по 15 години се потврдува дека МВР ја повредило нивната приватност.

„Со овогодинешната кампања ‘5353 денови до правда’, одбележуваме 15 години од сензационалистичката полициска акција „Сузбивање на улична проституција” од страна на Министерството за внатрешни работи, во која беа приведени 23 сексуални работнички и на кои им беше повредено правото на приватност со јавно споделување на нивни фотографии на веб-страницата на МВР. Долгогодишната правна битка за правда на сексуалните работнички по полициската акција ‘Сузбивање на улична проституција’ во ноември 2008, најпосле заврши со пресуда на ЕСЧП во 2023 година, по жалбата поднесена во 2017 година и ја задолжи државата да им исплати износ од 13.300 евра за претрпените повреди и неефикасната заштита на нивните права пред домашните судови, велат од здружението СТАР.

Европскиот суд за човекови права им досуди обештетување од 3.300 евра.

На 20 и 21 ноември 2008 година, во вечерните часови, полицијата спровела полициска акција наречена „Сузбивање на улична проституција”, во која биле лишени од слобода 32 лица, од кои 23 сексуални работнички. Од нив 13 сексуални работници поднесоа тужба за заштита на нивните лични права пред Граѓанскиот суд во Скопје, кој во два наврати утврди повреда на правата и ги задолжи МВР и Кривичниот суд Скопје да ја надоместат штетата за извршените повреди. Откако Апелацискиот суд конечно ја преиначи пресудата, четири од жртвите борбата ја продолжија пред Европскиот суд за човекови права.

Мета

Фото: Васко Џамбаски