Се разгорува граѓанскиот активизам во Дебар

Со голема крводарителска акција за спасување животи, организирана од „Центарот за оддржлив развој на заедницата” – Дебар, дебарчани уште еднаш побараа ЕЛЕМ и Владата на РМ да не им го скратува правото на живот со тоа што, како што велат, нема да им ја земе реката Радика. Оваа акција е уште една во низата настани со кои жителите на реканскиот регион и голем број активисти бараат да запре проектот за акумулацијата „Луково Поле“ и „Бошков Мост“, кои Владата планира да се изградат во националниот парк „Маврово“, а кои според нив ќе доведат до пресушување на една од најубавите реки во земјава.

Се разгорува граѓанскиот активизам во Дебар

По објавување на документите според кои се потврдува јасната намера на ЕЛЕМ за изградба на спорниот електроенергетски објект во месноста Луково поле, иако во летен период, граѓанскиот активизам во Дебар почна многу активно да работи за спас на Радика.

Невладиниот сектор во Дебар, предводен од ЦСЦД – Дебар доби поддршка на Советот на Општината Дебар и организираше неколку важни активности како дел од кампањата за подигнување на јавната свест кај граѓаните во Дебар и пошироко.

Кон средината на август, на заеднички состанок на граѓанскиот сектор од Дебар од Река, во присуство на претседавачот на Советот на Општина Дебар, беше усвоен прелиминарен план на активности за подигнување на јавната свест. Трибината за спас на Радика, пикник-посетата на месноста Луково поле, како и  крводарителската акција „За да спасиме еден живот, даруваме крв. Ја заштитуваме Радика, за да спасиме многу животи” наидоа на силен интерес од граѓаните.

„Активноста наиде на голем одѕив, кај сите во Дебар, а во неа беа вклучени граѓани од различита верска и етничка припадност. Дебар е познат по своите специфики, културна, верска и етничка шароликост. Но, Дебар е познат и по својата интер-етничката комуникација и толеранција, па кога е во прашање Радика, тогаш во Дебар нема вера, нема нација, сите се заедно и сите скандираат за СПАС НА РАДИКА“, посочуваат од ЦСЦД – Дебар.

Тие најавуваат дека активизмот во Дебар за Спас на Радика продолжува, а уште на првата следна седница на Советот на Општина Дебар ќе биде формирана работна група составена од експерти пор разни области од цела Македонија кои треба да креираат „Стратегија за спас на Радика”.