„Сардич МЦ“: Раскинувањето на договорот ќе направи штета од 380 милиони евра

Не се исполнети ниту законските, ниту договорените услови за еднострано раскинување од страна на Владата на Република Македонија на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина, за рудникот „Казандол“, информира концесионерот Друштвото за експлоатација, преработка и производство „Сардич МЦ“ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје.

Во соопштението до медиумите „Сардич МЦ“ ДООЕЛ се повикува на записник за вонреден инспекциски надзор од Државниот инспекторат од 15.03.2018 година извршен по налог на Владата на Република Македонија.

„Доколку Владата на Република Македонија донесе Одлука за еднострано раскинување на Договорот, огромна финансиска штета проценета на износ од повеќе од 20 милиони евра ќе претрпат македонските банки, градежните, индустриските и трговските компании од земјава и странство затоа што нема да можат да ги наплатат паричните средства за испорачаната опрема, извршената работа и извршеното финансирање, додека пак украинските инвеститори ќе претрпат огромна материјална штета проценета на преку 380 милиони евра, во кој случај тие ќе бидат принудени да започнат меѓународна судска постапка/арбитража за заштита на нивните права“, се вели во соопштението.

Покрај надоместокот на штета, за Македонија ќе произлезат и дополнителни значителни трошоци од водењето на оваа арбитражна постапка, велат од компанијата.

„Штетата која што ќе настане ќе биде уште поголема со оглед дека украинските инвеститори во Сардич МЦ активно инвестираат во подготовка на уште два рудника како и во други бизнис сфери каде што имаат инвестирано сериозни парични средства коишто ќе ги повлечат доколку Владата не го спречи едностраното раскинување“, се наведува во соопштението.

„Сардич МЦ“ ДООЕЛ има Договор за концесија за експлоатација на минерална суровина – бакар, злато и сребро на локалитетот „Казандол“ Општина Валандово, Општина Богданци и Општина Дојран.

Македонската влада во изминатиов период во неколку наврати информираше дека планира да ја одземе концесијата за експлоатација на минерални суровини, доколку се докажат недоследности извршени од инвеститорот. Од компанијата, пак, тврдат дека ги почитувале и спроведувале сите законски и договорни обврски.

„Во севкупното работење на Концесионерот, од надлежните државни институции на Република Македонија никогаш не е утврдена ниту една неправилност, ниту е утврдено дека некоја договорна или законска обврска или норма не е исполнета или прекршена и Концесионерот како општествено совесен субјект никогаш не е ниту опоменуван, ниту пак казнуван.

Со цел за најдобронамерно спречување на настанување несогледливи штетни последици за било која договорна страна и за граѓаните на Република Македонија, Концесионерот на овој начин се обраќа до својот партнер-Владата на Република Македонија со барање за прекин на сите активности за еднострано раскинување на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина број 24-64/9 од 27.02.2015 година и за пристапување кон пријателско решавање на било кое прашање кое според Владата на РМ се јавува како спорно“, стои во соопштението.