Русе Арсов се повлекува од директорската позиција на МКЦ

Русе Арсов преку јавно соопштение до медиумите објави дека од денес се повлекува од функцијата вршител на должност Директор на Јавната установа Младински културен центар (МКЦ).

„По три ипол години, премногу љубов, страст и жар – не издржа срце јуначко, па од здравствени причини ќе морам самиот да се повлечам од оваа функција. Вчера беше претежок ден за сите нас. Најпрво од медиуми дознавме дека сме криминалци и дека има предлог за тоа да бидеме гонети. А потоа и дека наградата за успешното работење изминатиот период е претставена преку намалување на буџетот за програма за 50 %“, пишува Арсов во писмото.

Тој пишува дека во последните три и пол години МКЦ реализираше кинопроекции на кров на ГТЦ, во Парк, на Езерце, а го направи и најголемото кино на отворено со проекцијата на „Исцелител“ во Градски парк. Понатаму, отвори нова градска летна сцена во Паркот МКЦ, три графити и стрит арт галерии, а беа нацртани мурали и во Ибни Пајко.

„Ја поведовме иницијативата ‘Култура во време на корона’, која беше пример и поттик и за другите регионални метрополи, МКЦ стана членка на ФИАФ, стана членка на Лајвјуроп. Беше дел од уште неколку европски проекти и програмски соработки, а беше домаќин и на Урсула фон дер Лајен. Секако ги реализравме фестивалите, МОТ, Синедејс, Здраво Млади…  Ги реновиравме и тоалетите во МКЦ. Само во 2021 и покрај пандемијата преку 650 реализирани настани. Пополека стануваме препознатливи и по поддршката на независната театарска сцена… Ги донесовме Лиза Жерар во Филхармонија, Љубомир Мелник во Пошта…И да, паднавме на Дино Мерлин. Ох судбо клета!“, стои во писмото.

И додека ги граделе убавите работи, вели тој, четири години континуирано се дружеле и со Финансика полиција, и со јавно обвинителство, и со разни ревизии…

„Се вадеа документи, се уништуваа животи… а на крај едно по едно обвинувања завршуваа како неосновани. Затоа ДА, ве молам слободно затворете го веќе и овој предмет Дино Мерлин. Уверен сум дека нема никаков криминал ни таму, а од последниве години го научивме и гадното чувство на обвинување – па затоа, ајде ве молам. Денес се повлекувам само од функцијата Вршител на должност Директор. Но останувам во МКЦ, имам уште еден одличен повод за тоа – да помогнам заедно да го направиме јубилејот кој толку гордо го чекаме – 50 години МКЦ. За следниот Директор само да го охрабрам: Не грижи се, МКЦ не е загубар!“, стои меѓу другото во писмото на Арсов, потенцирајќи дека и покрај пандемијата и намалените приходи од влезници и прозводи, МКЦ успеа да даде своја поддршка на целата независна сцена и во следната 2022 година да пренесе сопствени средства од 4.000.000 денари и уште толку ненаплатени побарувања.

Инаку, вчера МКД.мк објави дека Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе достави иницијатива за кривично гонење пред Обвинителството, како и иницијатива за отворање постапка за одговорност на одговорното лице до институцијата која го именува, односно Градот Скопје за организирање на новогодишната прослава во Скопје за 2020 на која настапи Дино Мерлин.

ДКСК ја спори процедурата од Законот за јавни набавки, смета дека има основано сомневање дека МКЦ постапил спротивно на законот и не спровел постапка за јавна набавка, туку распишал јавен оглас за организирање на новогодишната прослава. Новогодишната прослава на скопскиот плоштад чинела околу 240 илјади евра, од кои околу 154 илјади евра се платени од градскиот буџет. ДКСК смета дека требало да се спроведе постапка за јавна набавка и за техничката опрема. Во анонимната пријава до ДКСК пишувало дека една иста фирма во последните 10 години добила 41 тендер од државни институции за техничка поддршка

Русе Арсов влезе во фокус на јавноста во 2019 година кога Град Скопје стартуваше постапка за избор на нов директор на МКЦ, која наиде на лавина реакции. По најавите дека на чело на МКЦ може да застане Арбен Шаќири, преку социјалните мрежи се ширеше иницијативата #НеГоЧепкајтеМКЦ, а десетици културни работници, уметници, професори, активисти, новинари преку писмо до екс премиерот Зоран Заев се спротиставија на најавените промени во уредувачката структура. Потоа, конкурсот за избор на директор на Младинскиот културен центар беше поништен.

„Речиси една деценија МКЦ е дом и обединувачки фактор на македонската независна културна сцена. Тој е единствен простор каде што скопската и македонската алтернативна младина добива шанса уметнички и општествено да се изрази без да е обременета со комерцијални стеги. Континуитетот и развојот на МКЦ во последнава декада, но и реализацијата на програмските предизвици, е без преседан во современа Македонија, од осамостојувањето до денес. Конечно, МКЦ Скопје е една од ретките јавни институции, ако не и единствена, која комплетно успешно и без никаква злоупотреба си ја извршува својата работа“, стоеше меѓудругото во заедничкото писмо.