Репортери без граници: Смртта уште им се заканува на „богохулните“ новинари

Организацијата Репортери без граници (РСФ), во пресрет на одбележувањето три години од нападот на редакцијата на француското сатирично списание „Шарли Ебдо“, го осудува „фактот што десетина новинари низ светот се цел на повици за смрт или се осудуваат на смрт затоа што се сметаат за виновни за богохулење и отпадништво од верата“.

„Пишувањето или зборувањето за религиозни прашања продолжува да биде деликатно, до точка во која можете да го ризикувате вашиот живот. Три години откако 12 луѓе беа убиени во седиштето на „Шарли Ебдо“ во Париз, на 7-ми јануари 2015 година, оние кои цензурираат во име на Бог сè уште претставуваат една од најголемите закани за слободата на информирање скоро насекаде низ светот“, наведува организацијата во соопштението.

Од РСФ посочуваат дека според извештајот на Американската комисија за меѓународни верски слободи, на почетокот на 2017 година, најмалку 71 светска држава и понатаму имале закони со кои се казнува богохулењето. Од тогаш, само една од тие земји – Данска, во јули минатата година, го укинала ваквиот закон.