Рената Салецл: Светот го очекуваат нови болести, нови миграции и нови популизми

Со предавањето и разговорот со Рената Салецл, филозоф, социолог и правен теоретичар, една од најзначајните словенечки интелектуалци денес, заврши првото издание на КРИК – фестивал за критичка култура.

„Среќна сум што Ви се обраќам во време кога вашата земја директно се соочува со многу комплицирани избори, но нема да говорам за таа тиранија на изборот со која ќе ја имате идната недела, туку воопшто за општествта во кои денес живееме и кои се обидуваат да се соочат со своите избори. Се уште живееме во време во кое константно сме бомбардирани со идејата за избор, со идејата дека секоја индивидуа посебно, е способна да направи рационален избор, што ќе донесе некој посакуван резултат.

Веќе сигурно знаете за изборот на изразот на годината според тимот на Оксфорд речникот: пост- вистина. Нивното објаснување е дека два настани оваа година, референдумот во Велика Британија за членстовот во ЕУ и претседателските избори во САД ни покажаа дека при изборот фактите се помалку важни од емоциите на гласачите, а со тие емоции си играат популистичките дискурси“,  рече Салецл.

Според неа, со сите можности што ги нуди интернетот, луѓето живеат во свет што постојано се ограничува, каде што нивниот поглед личи на еднонасочен тунел, без размена, па така луѓето се изненадени од сосема спротивните мислења во општеството кои се случуваат паралелно.

Таа смета дека социјалните мрежи често ги трансформираат социјалните проблеми во слогани кои лесно ги мобилизираат луѓето во нивните блиски системи за информирање, односно до нив допираат мислењата само на оние со кои и онака веќе се согласуваат.

„Главниот проблем на нашето општество денес, не е само тоа што луѓето имаат многу малку контакт со спротивните политички ставови, поради усторјството на социјалните медиуми, туку и што се’ помалку се интересираат за фактите. За време на претседателските избори во САД, новинарите потрошијаа голем број часови  да откријат факти за изјавите на Доналд Трамп. Еден новинар од “Торонто стар“ секоја вечер наоѓаше по пет невистинити работи кој Трамп ги кажал, што би било околу 500 лаги за време на целата кампања. Но, оваа верификација на фактите воопшто не беше важна. Тоа не го смени мислењето на поддржувачите на Трамп. Проверката на фактите не ги интересираше луѓето“, зборуваше Салецл.

Но, таа вели дека и луѓето во секојдневниот живот се самозалажуваат, сакаат да живеат во илузијата на само позитивни сознанија. Тие се плашат да ги притискаат своите политичари да направат промена, бидејќи се плашат дека таа промена влијае негативно врз нивниот комодитет.

„Во постиндустрискиот капитализам луѓето се повеќе опседнати со тоа да се променат себе си, а не општеството. Се’ повеќе е јасно дека таа свртеност кон себе, не’оневозможува да размислуваме за општествени промени. Идеологијата на постиндустрискиот капитализам која се заснова врз идејата за прогрес и избор, не’ спречува да бидеме критични кон општеството. Оваа идеологија развива различни видови стратегии на затворање на очите, одрекување и понекогаш  луѓето избираат работи што се протв нивните инереси“ рече Салецл.

По предавањето, таа се вклучи во разговор кој го водеше Катерина Колозова.

Во рамките на првото издание на КРИК фестивалот, се одржа филмски фестивал за човекови права, две меѓународни изложби, една меѓународна конференција, промоции,  работилници, перформанси и презентации, учествуваа 55 уметници, писатели, теоретичари и културни работници од Хрватска, Бугарија, Србија, Германија, Турција и Македонија.