„Реактор“ ја доби наградата Медлин Олбрајт за поддршка на жените во политиката

„Реактор – Истражување во акција“ е прва организација од Македонија која ја доби наградата Медлин Олбрајт од Националниот Демократски Институт (НДИ), како заслуга за улогата во
поддршка на жените во политичките процеси во земјава.

Наградата беше доделена на официјална церемонија во Вашингтон, од претседателката на НДИ и поранешна државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт.

„Еднаквото учество на жените во процесите е клучот за демократски развој, а демократијата е убедливо најдобриот начин за владеење”, истакна Олбрајт.

Тања Малеска, пак претседателка на Извршниот одбор и една од основачките на Реактор истакна дека мора да се срушат бариерите за жените во општеството.

„Веруваме дека и покрај различните политички убедувања и ставови, заедничкото делување на жените има моќ и сила да ги сруши бариерите со кои се соочуваат и да внесе нова енергија во нивниот глас кој предолго е држен во сенка. Исто така веруваме дека ако навистина се стремиме кон темелни и одржливи промени, тогаш време е да им се овозможи на жените да бидат лидерки,“истакна Малеска.

Реактор е избран во конкуренција од голем број светски организации. Станува збор за реномирана награда во светски рамки која секоја година се доделува на една организација која активно работи на подигнување на свеста за помасовно вклучување на жените во политиката.