Размена на книги и облека, работилница и натпревар за намалување на отпад кај Школка во недела

Младинската иницијатива ViridiQ во недела во Градски парк (кај Школка) организира целодневен настан посветен на животот без отпад. Тие ќе организираат натпревар за намалување на отпад, размена на книги и облека, како и работилница на истата тема.

„Живеење без отпад не е само стил на живеење, туку тоа претставува филозофија на живеењето.
Што значи тоа? – Користење на производи кои би биле реупотребувани, би биле долготрајни и би се рециклирале, како и купување на производи кои би ги задоволиле нашите основни потреби“, велат од иницијативата.

„Ќе контактираш со еколошки свесни луѓе и ќе се запознаеш со можностите кои тие ги нудат во твојот град. Ќе научиш како на забавен начин и преку игра можеш да се мотивираш и успешно да ги поминеш предизвиците“, стои во најавата за настанот.

Право на учество во работилницата имаат сите млади над 15 години кои сакаат да ги позеленат своите навики и дирекно да придонесат кон заштита на животната средина.

Краен рок за пријавување е 13 јули, петок, до 20 часот. Потребно е да се пополни формуларот достапен на следниот линк.

„Отпадот кој го создаваме завршува на депониите кои ја контаминираат почвата, дел од исцедоците завршуваат во водните површини и во воздухот кој секојдневно го дишеме. Освен што ја загадува природата тој влијае негативно и од економска гледна точка бидејќи сите набавени ресурси во нашите домови не се искористени пред истекот на рокот. Од друга страна пак секоја година во светот се призведуваат вкупно 4 милијарди тони храна, а во отпад завршуваат 33% од нив, Македонија е земја во која 450.000 лица не можат да си ги дозволат сите оброци во текот на еден ден.

Кога ќе го пресечеме последното дрво, кога ја уловиме последната риба и кога ќе ја загадиме последната река, конечно ќе сфатиме дека не можеме да јадеме пари“, велат од иницијативата.

Идејата за овој настан е победничката идеја на натпреварот „Ослободи ја идејата“ кој се одржа на 6-ти јуни. Нејзината реализација е дел од проектот Академија за младински активизам, поддржан од германската фондација „Schuler Helfen Leben”.