Размена на книги и книжевни муабети во „St. Patrick” во сабота

Вљубениците на пишаниот збор ќе имаат можност оваа сабота да разменат добра книга и муабет меѓусебе.

Фејсбук групата „Размена на книги“ ја организира деветтата книжевна дружба која ќе се одржи во ирскиот паб „St. Patrick” на кејот на Вардар во Скопје.

Организаторите ги повикуваат граѓаните да се приклучат во акцијата така што со себе ќе ги понесат прочитаните книги и бесплатно ќе ги заменат со нечии други.

Настанот ќе започне во 16 часот, додека размената на книги ќе започне во 16.45 часот.

„За да бидеме сите фер кон сите останати вљубеници во книгата, да се придржуваме кон двете правила: никој не носи книги за кои знае дека нема да бидат интересни за размена и секој зема онолку книги колку што донел. Секој кој сака да ни се придружи е добредојден“, нагласуваат организаторите.