Во рамки на библиотечната кампања „Книга на месецот“, во ЈУ Градска Библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе се одржи разговор со авторот на „Урбани легенди“, Васко Марковски.
На 7 ноември, вторник, со почеток во 19 часот, во спомен – соба „Т’га за југ“ ќе се одржи разговор со Васко Марковски – скопјанец, патеписец, раскажувач, колекционер, преведувач, туристички водич и автор на „Урбани легенди“, книга на месецот во скопската библиотека.
„Урбани легенди“, инаку во издание на „Бегемот“, е незаборавно возење со култниот „Лејланд“ по скопските улици до култните топоси на градот: Кенан, Дестан, Коцка, Зизи, Ван Гог!
„Разговорот е дел од вториот циклус на кампањата #ЧитамеСовремениМакедонскиАвтори, модератор е Александра Јуруковска, а фрагменти од книгата ќе чита актерот Андреј Серафимовски“, велат од Библиотеката „Браќа Миладиновци“.
Васко Марковски дваесетина години работел како новинар во повеќе медиуми (радио, печат и мултимедија). Во периодот од 2008-2011 бил главен и одговорен уредник на месечникот „Free guide – Macedonia“, а за неговите патеписи е награден со признанието „Најдобар промотор на Македонија“ за 2010 година.
Автор е на поетската книга „Корпоративно утро“, на монографијата „Урбани легенди“, збирката репортажи „Непозната Македонија“ и збирката поезија „Скопски улици“. Реализирал изложба на фотографии „Комши камерџик“, од турски на македонски превел повеќе дела, меѓу кои и сто песни од познатиот турски поет Орхан Вели („Риба во шишето ракија“, Антолог, 2014)