Средба со писателката Катерина Шошко и потпишување на книги во „Антолог“

По повод нејзиниот најнов трет роман, „Сукубус“, во книжарницата „Антолог“ – Центар, ќе се одржи средба со авторката Катерина Шошко.

Посетителите ќе имаат можност да се запознаат и поразговараат со авторката и да добијат потпишан примерок од нејзиниот роман.

Најновиот роман на Шошко е сместен во 18 век, кога палењата на вештерки низ Европа се стивнати, но не се исчезнати.

„За време на неделна миса во катедралата, шеснаесетгодишната Елисавет здогледува таинствена туѓинка и во истиот миг се опседнува со мистеријата околу неа. Луција Лилит Абдеел, омажена за локален благородник, покрај таинственоста, во новиот град со себе ги носи и гласините дека била осомничена за вештерство.
Самаел, црковниот прислужник и другар од детството на Елисавет, наоѓа начин да ја пикне на работа во богаташкиот дом на туѓинката. Елисавет гледа и сфаќа дека гласините за нејзината господарка не се неосновани, но од ден на ден и нејзината верност кон неа сѐ повеќе расте, гласи краткиот опис за романот.

Катерина Шошко е родена на 3 септември 1986 година во Скопје. Во 2008 дипломирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на насоката Политички науки, а во 2013 магистрирала на истиот факултет, на насоката Применета политика.

Од 2011 година пишува за домашни електронски медиуми, а во моментов работи како СЕО контент писател.
Авторка е на криминално-психолошкиот трилер „Крвава месечина“ (2016), кој во 2017 година ја добри наградата „Македоника“ за книга на месецот. „Случајот Чернобог“ е нејзина втора објавена книга, a „Succubus“ трета.