Разговор со Игор Анѓелков во Градската библиотека во Скопје

Утре (4 април) ќе се одржи разговор со Игор Анѓелков авторот на „Двојна експозиција“, книга на месец април во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.

Разговорот ќе се одржи во спомен-собата „Т’га за југ“ со почеток од 19 часот, како дел од активностите од големата кампања „Читаме современи македонски автори“.

„Двојна експозиција“ (издание на Или -Или, 2022) е збирка од дванаесет раскази поделени по два во шест циклуси: Невиност, Љубов, Бизар, Афион, Статус, Смрт.

„Анѓелков во оваа збирка раскази ги вткаил двата аспекти на човековиот живот: оној намислениот и оној одживеаниот. Се чини дека токму затоа и сите делови имаат по два раскази. Затоа и „двојната експозиција“ која со себе ја носи таа неизбежна феноменолошка спротивставеност на одживеаното и замисленото, но нереализираното“, подвлекува во критиката за книгата, Сашо Огненовски.

Разговорот ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски. Збирката раскази „Двојна експозиција“ ќе биде тема и на Клубот на читатели предвиден за 29 април.

Игор Анѓелков (1974) дипломирал на Интердисциплинарните студии по новинарство, а магистрирал на медиуми и комуникации на Правниот факултет при УКИМ во Скопје. Активно е присутен во периодиката со низа критички осврти и рецензии од областа на филмот, музиката, книжевноста, а во последниве петнаесет години, како ко-сопственик и уредник во издавачката куќа „Или-Или“. Својата нулта, самиздат книга „Четири“ ја објави во 1996 година под псевдонимот Ангел Горски. Официјалното деби како писател го имаше во 2006 година со збирката раскази „Кротки приказни“ (2006), потоа следеа и романите „Крај-пат“ (2010) и „Фото синтеза“ (2013). Во 2020 година излезе неговиот нов роман „Шрапнел“, а во моментов е актуелен со збирката раскази „Двојна експозиција“ (2022). Анѓелков е препознатлив и по медиското третирање на филмската уметност, со кое активно се занимава од 1997 година како автор на филмската радио-емисија „РЕДРУМ“ на Канал 103 (1997-2003), како и на филмскиот магазин „Филмополис“ на ТВ Телма (2003-2014). Досега има членувано во жиријата на неколку домашни фестивали, член е на меѓународната организација на филмски критичари „Фипресци“, а од 2018 е програмски селектор на Фестивалот на дебитантски филм „Киненова“ во Скопје. Зад себе има и три публицистички дела од областа на филмската уметност: „Филм.мкд“ (2015), за која ја доби Државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев Јасмин“ во 2016 година, „Филмски град“ (2018) и „Филмотопија“ (2022).

Настаните се дел од големата кампања „Читаме современи македонски автори“ што Градската библиотека во Скопје ја започна во септември минатата година. По завршувањето на првиот циклус во мај, кампањата ќе продолжи во септември со нови осум наслови од исто толку домашни автори.