Радио МОФ@МОТ: „Не се срамам од моето комунистичко минато“, претстава за транзицијата и идеалите

„Другари, јас ни сега не се срамам од своето комунистичко минато“ е претстава во која Соња Митровиќ и Владимир Алексиќ го истражуваат своето, па и „нашето“ заедничко, културно наследство низ призмата на Југословенската кинематографија. Истовремено саркастични и меланхолични, не само што ги рекреираат сцените од филмовите со кои израснале во Зрењанин, тие и ги менуваат, притоа посочувајќи на нивното значење за актерите и нивната генерација. Додека на проекторот течат моменти од овие филмови, актерите ги играат ликовите, но и ги приспособуваат, ги хуманизираат. Истовремено, низ анегдоти, лични и семејни, се обидуваат да се соочат со моменталната ситуација во општеството, такво какво што е. Говорат за транзицијата, за тоа што е изгубено, за таа, по се изгледа, се уште активна „тогаш беше подобро“ перцепција.

Во соработка со МКЦ, добивме пристап до четири од претставите кои ќе играат на овогодинешното издание на театарскиот фестивал Млад отворен театар. Како најава за фестивалот, го објавуваме вториот од серијата текстови на Атанас Димитров и Јована Ѓорѓиовска, преку кои сакаме да Ви ги доближиме претставите кои ќе бидат изведени на фестивалот. Текстовите се наоѓаат на пола пат меѓу критичкиот, рецензиски пристап и личниот осврт, перцепција за театарските дела.

Самиот наслов на претставата одлично посочува на нејзините клучни елементи: потребата цврсто да се застане позади (можеби наивните) идеали на комунизмот, научени за време на државата која сега постои само во спомените; важноста на филмот како културолошка алатка за подобро меѓусебно запознавање на различните народи во Југославија; и влијанието кое искуствата во детството го имаат врз оформувањето на човечкиот карактер (што би рекол Фројд, детето е татко на човекот).

Претставата е искрено поставена. Очигледно, на Балканот нема недостаток на дела во кои актерите придонесуваат со сопствен, авторски материјал, лични идеи и впечатоци за темата што ја обработуваат. Тој тренд дозволува публиката, па и актерите, да се соживеат со делото и додава топлина и човечност. На постарата публика, таа која има израснато пред, или во исто време со авторите (и двајцата родени околу 1978), дефинитивно ќе и бидат познати сцените, чувствата, исечоците кои „Не се срамам…“ ги презентира. Можеби главен недостаток на претставата е тоа што го занемарува, или барем нема како да допре до останатиот дел од публиката, сите тие генерации родени веднаш пред или по распадот на Југославија, чија просечна возраст се движи од 16 до 35-6 години. На оваа генерација, „Не се срамам..“ ќе им биде слична на мнозинството претстави кои ги имаме досега видено: сеќавање без емотивна врска, документарна прошетка низ некое минато кое може само посредно да биде впиено. Слично на разгледување на туѓи фотографии од одмор на некоја егзотична летна дестинација која никогаш нема да можеме да ја посетиме.

Од друга страна, дијалогот меѓу Митровиќ и Алексиќ е отворен и автентичен. Слушајќи ги нивните разговори, публиката има чувство дека некако залутала на разговор меѓу два пријатела кои се немаат видено со години, па седнале заедно за повторно да се поврзат, да се обидат да разберат каде одлетало времето, да ги одмотаат сите клопчиња на животот. До некаде, тоа е и сржта на претставата, обид да се анализира минатото, да се демитифицира, да се демистифицира.

Колку е успешна во тоа, ќе можат да кажат само тие кои тоа минато го проживеале ( ние сме од генерацијата родена околу 90-тите).

Претставата „Не се срамам од моето комунистичко минато“ ќе се игра во МКЦ, следната среда (4 октомври), од 20:00. Повеќе информации за овогодинешното издание на фестивалот Млад отворен театар се достапни на mot.mk.