Работилници и дискусии за уметноста и активизмот

Во Музејот на современа уметност, Скопје, на 16 и 17 мај ќе се одржат панел дискусии и работилниците на тема „Неискористената моќ на уметноста и културата за општествени промени“.

На 16 мај, со почеток од 11 часот е најавена панел дискусијата „Уметничкиот активизам денес – како креативноста може да влијае на моќта“, на која ќе учествуваат говорници од Македонија и странство. Меѓу говорниците се австрискиот уметник Оливер Реслер, и Американецот , Стив Ламбер, концептуален уметник и придружен професор за нови медиуми на SUNY Purchase.

„Заробените институции и украдените јавни простори – поттик за креирање на креативен отпор/протест. Кои се форматите со кои ќе се спротиставиме на растечките комерцијализација и обезвреднување на социо-културните и уметничките добра и практики? Која е нужната точка на проникнување помеѓу естетското и политичкото. Како да создадеме полни семантички вредносни вертикали во уметничката продукција која ќе има општествена одговорност? Како „убавото“ ги менува/влијае на општествените наративи. Моќта на субверзивноста да се влијае индивидуално и колективно. Кои се границите на соработка со власта? Кои се опасностите од губење на критичноста при нужните соработки помеѓу независниот културен сектор/граѓанскиот сектор и власта? Како можеме да бидеме проголтани, втолпени, втопени? Партнерства, но за што?“, се дел од прашањата на кои ќе се зборува на панелот, соопштија организаторите.

На 17 мај, од 11 до 14 часот е најавена работилница со „Haveеit“, активистичка група од Приштина, како и работилница со амариканскиот уметник Стив Ламбер. Настанот завршува со изложба на креативен активизам во Мобилната галерија во Парк на франкофонијата и е дел од серијата настани организирани во рамки на прославата на  25 годишниот јубилеј од работата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Пријавувањето за учество е на овој ЛИНК.