Протести во Москва против блокирањето на апликацијата Телеграм

Илјадници лица маршираа низ Москва, фрлајќи хартиени авиончиња и повикувајќи ги надлежните да ја одблокираат популарната апликација Телеграм, јавува Ројтерс.

Демонстрантите извикуваа слогани против претседателот Владимир Путин додека ги лансираа авиончињата, кои го претставуваат логото на апликацијата.

„Режимот на Путин му објави војна на интернетот, на слободното општество…и ние сме тука за да дадеме поддршка за Телеграм“, вели еден од демонстрантите за Ројтерс.

Русија ја блокираше популарната онлајн апликација на 16 април бидејќи Телеграм одби да го почитува судскиот налог и да им даде на државните безбедносни служби пристап до енкриптираните пораки на своите корисници. Руската Федерална безбедносна служба соопшти дека им треба пристап до дел од пораките поради заштита од воени напади.

Според „Вајт каунтер“, волонтерската група која ги брои луѓето на протестите, денеска на улиците на Москва излегле над 12 000 луѓе.

„Илјадници млади и прогресивни луѓе во моментов протестираат во Москва во одбрана на слободата на интернет“, напиша на својата страница на социјални медиуми основачот на Телеграм, рускиот претприемач Павел Дуров, повикувајќи на дигитален отпор. „Ова е без преседан. Горд сум што сум роден во иста земја со вас. Вашата енергија го менува светот“, напиша претприемачот.