Протест во Вратница – жителите ја бранат Вратничка река

Група од стотина жители на тетовското село Вратница денеска излегоа на протест кај мостот на Вратничка река со цел да го запрат проектот за изградба на две мали хидроцентрали на реката. Проектот за изградба на малите хидроцентрали го спроведува Владата на Република Македонија, а оттаму воопшто немаат остварено средба или консултација со жителите на Вратница, кои не даваат согласност за градењето на централите.

Протест во Вратница - жителите ја бранат Вратничка река

Според жителите, проектот предвидува локалното население да биде запознаено со идејата, но досега никој од надлежните институции не остварил средба со нив. До овој момент остварена е само една јавна расправа на која присуствувале претставници од надлежната општина Јегуновце, Министерството за економија и жители од Вратница. Тие и тогаш, а и денес се едногласни во своето единствено барање: запирање на проектот за изградба на двете хидроцентрали на Вратничка река. Според нив, доколку се изградат хидроцентралите, ќе им се загрозат егзистенцијалните услови.

Протест во Вратница - жителите ја бранат Вратничка река

„Доколку за некого изградбата на хидроцентралите е бизнис и пари, за нас тоа значи живот“,  вели Перо Лазовски, жител на вратница. Тој за Радио МОФ изјави дека целокупната постапка за изградба на хидроцентралите е прекршена. Во член 11 од Законот за води се вели дека водата приоритетно треба да се користи за пиење и наводнување, а изградбата на хидроцентрали е на петто место. Лазовски вели дека изградбата на хидроцентралите ќе наштети на жителите. Издашноста на изворите за пиење на вода секоја година се намалува, па тие како единствена солуција ја сметаат реката. Покрај тоа, се загрозува природниот и живиот свет во реката. Тие имаат испратени барања за средби со засегнатите институции и избраните концесионери, но не добиле никаков одговор.

Протест во Вратница - жителите ја бранат Вратничка река

За изградбата на двете хидроелектрани на Вратничка река се избрани компаниите Емк мали хидроелектрани Скопје и Норт Енерџи Груп од Тетово. Денеска во раните утрински часови пристигнала механизацијата во Вратница, но локалните жители се организирале и механизацијата е повлечена од местото.

Протест во Вратница - жителите ја бранат Вратничка река

Протест во Вратница - жителите ја бранат Вратничка река

Вратничани се цврсти и единствени во нивното барање за итно стопирање на проектот за изградба на хидроцентралите на Вратничка река, бидејќи сметаат дека штетите за жителите на селото ќе бидат ненадоместливи. Тие потенцираа дека со сите напори нема да дозволат да се изградат хидроцентралите.

Покрај од околните населени места, Вратничани добиваат и поддршка од бројната иселеничка заедница од селото во САД, која исто така се противи на проектот.

Б.К.