Протест на 10 јануари пред Собрание: Амнестија за сиромашните, затвор за олигарсите

Ги амнестирате криминалите на СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ! Ги казнувате продавачите на марули! Наградувате политички бандитизам, а казнувате сиромаштија. Вашите закони служат за една цел: богатење на политичките и бизнис бандити на штета на сиромашниот народ! Додека 28 години градите споменици и шупливи згради, ги распродавате и последните слободни парцели на градежната мафија; додека дивите депонии неказнето работат, а крупните индустриски гиганти непречено загадуваат; додека лошо ја глумите борбата против рудниците на смртта – НИЕ умираме од загаден воздух и уништена животна средина!, стои во најавата за протестот на 10 јануари од 18 часот пред Собранието на Република Македонија.

Протестот преку социјалните мрежи е инициран од „99% Macedonia“, од каде велат дека не отстапуваат и бараат укинување на имунитетот на моќниците, кој сметаат дека трае 28 години.

„Итно поништување на амнестијата на криминалци со цел уставни промени. Затвор за сите функционери и политички бандити кои ја украдоа и крадат државата. Распуштање на СЈО“, стои како прво барање.

Понатаму, иницијаторите велат дека „доста беше социјалдемократија и замајување со национал-шовинизам“, па бараат повлекување на покачувањето на платите на вицепремиерите, укинување на патните трошоци и поништување на лапанажата, намалување на енормно високите приходи на функционерите и укинување на сите луксузни привилегии кои ги уживаат народните претставници, додека, велат, народот гладува.

Во повикот за протестот стои дека „ја создадовте и потоа ја криминализиравте сиромаштијата“.

„Укинување на рестрикциите за пазарџиите. Воведување данок на луксуз наместо данок за сиромаштија. Прекин на намерното уништување на државните услуги. Пристап до квалитетни јавни услуги за сите!“, се вели во повикот за протестот.

Последното барање, соопштуваат организаторите, е против распродажба на животната средина заради профитот на поединци.

„Итно запирање на сите градежни активности во Скопје и радикално преиспитување на ГУП-от за Скопје. Казнување и затворање на индустриите кои секојдневно нѐ трујат. Конкретни мерки за намалување на енергетската сиромаштија. Поништување на концесиите за рудниците и промена на законите со кои се уништува животната средина заради интересите на политичките и бизнис елити. Борбата никогаш не заврши! Ќе протестираме заедно на улиците, без разлика на национална и верска припадност, со сите прогресивни сили кои се на страната на сиромашните, угнетените и експлоатираните. Кога неправдата станува закон, отпорот е наша должност!“, повикуваат иницијаторите на протестот.