Промоција на стихозбирката „Хор во задниот двор“ од Владимир Мартиновски

Промоцијата на илустрираната стихозбирка „Хор во задниот двор“ на Владимир Мартиновски, со илустрации на Зоран Кардула, ќе се одржи попладнево, на 1 декември во галеријата „КО-РА“, Дом на културата „Кочо Рацин“ – Скопје (Дом на градежници).

Ова е втора книга за деца од дуото Мартиновски – Кардула, по илустрираната стихозбирка „Шах со Бах“.

„Песните во стихозбирката раскажуваат стихувани приказни за музикални животни, како на пример за музикалните крави, или за балот на пингвините, или за жабјиот хор во барата – придружувани со прекрасни илустрации. Илустрирана стихозбирка за деца содржи песни за музикални животни, за деца и возрасни кои сакаат музика и хумор“, објаснуваат од издавачката куќа „Чудна шума“.

Владимир Мартиновски пишува поезија, проза, есеи и книжевна критика, а се занимава и со книжевен превод. Редовен професор е на Филолошкиот факултет „Блаже Конески”, УКИМ. Автор е на десетина поетски книги, на десетина теориско-есеистички книги, на три книги хаибуни, една книга раскази и на две книги поезија за деца: Дур дишам се надевам (2019) и Шах со Бах (2020). Неговата поезија е преведена на дваесетина јазици. Добитник е на неколку награди за поезија, критика и раскази.

Зоран Кардула е роден во Крушево, а живее во Скопје. Дипломиран електроинженер по образование, сликар, илустратор и графички дизајнер по професија, но повеќе познат како активист и борец за правда. Сликарството и дизајнот за него се јазик со кој може да го искаже она што не може преку зборови. Визуелниот израз носи моќна порака со себе.