Промоција на сликовницата „Приказна за малиот Уг“ од Ирина Атанаскова

Сликовницата „Приказна за малиот Уг“ од авторката, уметницата и илустраторка Ирина Атанаскова ќе биде промовирана на 22 октомври, сабота во 12 часот.

Промоторка на настанот кој ќе се одржи во дебармаалското кафуле „Морис Кафе Бар“, ќе биде Александра Симова, а промоцијата ќе ја модерира Билјана Црвенковска.

„’Приказна за малиот Уг’ е нежна, емотивна и прекрасно илустрирана приказна за различностите. Малото Угче, главниот протагонист во приказната – се раѓа поинакво од другите угчиња на Зелената Планета. Осамено и отфрлено, угчето трага по пријател кој нема да се плаши од него“, пишуваат од издавачката куќа „Чудна шума“ во чие издание е сликовницата.

Оттаму додаваат дека сликовницата е дел од едицијата „Различни и прекрасни“, во која се наоѓаат изданија за најмалечките кои отворено зборуваат за прифаќањето на различностите, за инклузијата, миграцијата, справувањето со врсничкото насилство, како и самодовербата.

Ирина Атанаскова сака да црта на кожа, на ѕидови, на хартија и на таблет. Мајка е на едно дете и едно куче. Таа сака да создава несекојдневни цртежи за секојдневниот живот. Нејзина желба е преку детската илустрација да допре и до возрасните и да ги потсети на безгрижноста на детската игра како меморија за слободата.